X
 03.06.2021 Образование

Неделков утре од Царовска ќе бара исплата на пари за прекувремена работа на наставниците

Утре имам состанок со министерката, па веројатно ќе го расчистиме овој проблем. Јас ѝ испратив и писмо во кое барам да ми одговори на писмено дали е точно дека Министерството им префрлило пари на општините за да исплатат, со оглед на тоа дека градоначалниците тврдат дека пари нема. Но сè уште нема писмен повратен одговор до СОНК, вели првиот човек на Синдикатот

Нема никаква реакција по најавите на Синдикатот за образование, наука и култура дека ќе биде организиран штрајк и дека нема да им се даваат свидетелства на учениците ако не им се исплатат пари на околу 600 наставници што работеле прекувремено во изминатава учебна година. Јаким Неделков, првиот човек на Синдикатот, вели дека до него стасала информација дека само во Општина Шуто Оризари има договор за исплата на парите, а во ниту една друга општина нема никаква најава за вакво нешто. Според пресметките, секој наставник што работел прекувремено треба да добие во просек по околу 45.000 денари, а такви наставници, според податоците на СОНК, има околу 600 во државата.

- Утре имам состанок со министерката, па веројатно ќе го расчистиме овој проблем. Јас ѝ испратив и писмо во кое барам да ми одговори на писмено
дали е точно дека Министерството им префрлило пари на општините за да исплатат, со оглед на тоа дека градоначалниците тврдат дека пари нема.

Но сè уште нема писмен повратен одговор до СОНК. Сепак, останува утре на средбата да расчистиме многу работи – вели Неделков.
СОНК останува на идејата за штрајк, кој ќе подразбира неработење, а со тоа и непишување на свидетелствата за учениците.



- Сè зависи од синдикалните организации. Ако синдикалната организација на ниво на училиште одлучи дека нема да ја заврши учебната година, тогаш нема да има и свидетелства. Но ако има притисоци, тогаш во штрајкот ќе се солидаризираат и другите синдикални организации и ќе се остави на случајот, па како ќе се реши, така. Се работи за околу 600 наставници. Ова е принципиелно прашање, ова е кршење на Законот и на Колективниот договор. Наставниците се нафатија да работат во две смени со две групи за да покажат општествена одговорност и за да не трпи наставата, за на крај да бидат на овој начин извисени. Ако знаевме дека ќе се случи ова, уште на почетокот на учебната година ќе кажевме да си обезбедат кадар, да се снаоѓаат - додава Неделков.

Министерката Царовска неодамна побара директорите на основните училишта да им ги исплатат прекувремените работни часови на наставниците.
- Училиштата што имаат доказ за надминување на часовите, согласно Законот за работни односи, треба да ги исплатат прекувремените работни часови. Тоа треба да си го решат локалната единица на Синдикатот и директорот на училиштето. Ве уверувам дека нема голем број училишта каде што имаме надминувања на бројот на часови – рече таа.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование