X
 04.02.2020 Култура

Виктор Ивановски е корежисер на филмот што ја освои наградата „Ени“ за најдобра студентска анимација во Лос Анџелес

Виктор Ивановски од Скопје, студент по анимација на „Шеридан колеџ“ во Оуквил, Канада, е дел од екипата на филмот „Лисицата и гулабот“ („The Fox and The Pigeon“) што ја освои престижната награда „Ени“ („Annie“) за најдобар студентски анимиран филм на 47. издание на манифестацијата што се одржа во Лос Анџелес. Ивановски е корежисер, а воедно и композитор и интерпретатор на музиката за филмот, на чија реализација работеше со уште десет студенти од „Шеридан колеџот“.   

Виктор (прв од десно) е корежисер, композитор и интерпретатор на музиката за филмот

„Лисицата и гулабот“ беше во трката за најдобар студентски филм во конкуренција од многу анимирани филмови од цел свет. Филмот доби позитивни стручни критики од светските експерти за анимација, а за неговата вредност зборува и фактот што беше прикажан и наградуван на повеќе интернационални фестивали. Филмот доби и специјална награда на реномираниот Интернационален фестивал за анимација во Отава, Канада.

Виктор Ивановски е четврта година на „Шеридан колеџ“, кој важи за еден од најпрестижните факултети во светот на полето на анимацијата. Тој заврши средно школо во Скопје, а беше примен на повеќе престижни академии за анимација во цел свет. Виктор е и првиот Македонец што освоил ваква престижна награда за анимација. Како дипломец годинава работи на неговиот завршен дипломски филм.


Виктор Ивановски

„Ени“ е најпрестижната награда за анимација која се доделува еднаш годишно од 1972 година. Ја доделува ASIFA-Hollywood, подружница на Меѓународнaта асоцијација на анимирани филмови во Лос Анџелес.



Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура