X
 04.09.2019 Образование

На УКЛО-Битола пријавени 1.015 кандидати, најголем е интересот за Педагошкиот факултет

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола по првиот уписен рок регистрира 1.015 пријавени кандидати за студирање во прва година. Со оглед дека беа огласени 2.935 места, во вториот рок ќе може да се запишат уште 1.920 идни студенти, јави МИА.

Според процентуалниот преглед на понудени слободни места за упис и поднесени апликации, најголем интерес за студирање е покажан за програмите на Педагошкиот факултет - Битола, каде што за 215 слободни места конкурирале 115 кандидати или 51 отсто од понудата се исполнети, додека најмал интерес за студирање е покажан за Факултетот за биотехнички науки, каде што за објавените 165 слободни места конкурирале 24 кандидати или 14 отсто од вкупната понуда.
Висок процент на интерес за студирање е регистриран за Факултетот за безбедност во Скопје, каде што се пријавиле 194 кандидати, потоа на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, каде што се пријавени 142 кандидати, и на Високата медицинска школа во Битола, каде што се пријавени 128 средношколци.
Во вториот уписен рок има места на сите универзитетски единици на УКЛО. На Технички факултет-Битола слободни се уште 395 места, ФИКТ-Битола може да запише уште 283 студенти, на Економски факултет - Прилеп се слободни 237 места, а на Правниот факултет - Кичево може да се запишат уште 157 студенти.
Акредитирани студиски програми се нудат и на Технолошко-техничкиот факултет во Велес, каде што во првиот уписен рок беа огласени 75 слободни места, а исполнети се 24, како и на Ветеринарниот факултет во Битола, каде што во првиот рок се пријавени 12 завршени средношколци, а имаше место за 45.
Вториот уписен рок на УКЛО ќе се реализира на 13 септември.




Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование