Романија е земја која многу ветува, земја во подем, привлечна и прифатлива за секој дојденец, било да е студент, работник или само случаен минувач. А Букурешт, град со речиси четири милиони жители, е посебна приказна во која во последните 22 години живее доктор Марјан Михајлов, специјалист по физио-кинезитерапија.
Четириесетгодишниот физиотерапевт Марјан Михајлов потекнува од Три Чешми во близина на Штип. Заминал во Букурешт откако добил стипендија за студирање која Романија ја доделува за дијаспората, односно за припадници на влашката заедница, на која тој ѝ припаѓа. Михајлов продолжил да живее и да твори во романската престолнина. Сопругата му е Романка и имаат две деца.
По две децении во срцето на Источна Европа, Марјан Михајлов има што да сподели од своето драгоцено искуство, особено кога ќе го побара некој од родната земја, за која сѐ уште зборува со воздишки.
Михајлов го познава секое ќоше на Букурешт затоа што по цел ден е во автомобил работејќи три работи и притоа подготвува докторат.
- Работам во Ургентниот центар на државната болница. Дополнително работам и во една од најголемите приватни клиники „Реџина Марија“. Таму работам на рехабилитација на пациенти од ортопедија, неврохирургија и неврологија. Докторанд сум и во последна фаза сум. Докторатот е за рехабилитација по вградување вештачки колкови - вели Михајлов.
Тој е ангажиран и како инструктор во Академија за медицинска едукација, односно држи предавања од доменот на рехабилитациските процеси по повреда или операција.
- Држам предавања за колегите од доменот на рехабилитацијата. Едната техника е кинезиотејпинг, односно терапија со ленти, а другата е миофацијална терапија. Во Академијата за медицинска едукација се надградуваат терапевти, доктори и специјалисти. Сите имаме потреба од поени на годишно ниво и учествуваме на акредитирани предавања. Секој од персоналот си плаќа посебно, а има клиники кои на вработените им плаќаат обуки за да се надградуваат. Приватниот медицински сектор тука е многу развиен и многу се инвестира во знаењето. Јас имам над 40 ислушани курсеви откако магистрирав и постојано се обучувам. Си плаќам часови во Холандија, Италија - објаснува Марјан.
Тој вели дека Романија како земја посветува внимание на правата на сите малцинства, тие се интегрирани во општеството и имаат еднакви услови за напредок.
- Романија ни овозможува да студираме бесплатно и да работиме и да твориме на својот јазик. Ние можеме да учиме на својот мајчин јазик и со години имаме свој претставник во парламентот. Тоа се пари кои Романија ги издвојува за малцинските организации, вкупно 19 признати со закон, меѓу кои е и македонската заедница. Имаме и Ден на македонскиот јазик. Тоа е 8 декември и важи на национално ниво, односно прогласен е со закон - истакнува физиотерапевтот.
Марјан Михајлов е потпретседател на Друштвото на Македонците во Романија и постојано е активен таму.
- Наоѓам време да бидам тука со своите, да се дружам и да ги слушам анегдотите на постарите. Иако не сум новинар, го правам и нашето списание, а организирам и изложби со слики и носии. Сега организираме македонска настава во рамките на нашето здружение. Ја држи Моника Михајлова, уште една штипјанка, која е специјализиран психопедагог. Македонска настава се изведува во Крајова, Темишвар и во Букурешт – вели Михајлов.
Според доктор Михајлов, во Романија е пријатно да си странец, студент и работник, иако е скапа земја. Но, Букурешт е град на можности поради светските компании што работат таму, а и поради социјалниот стандард на земјата.
- Романците се добронамерни, питоми и отворени. Во принцип е добра земја за дојденци и може добро да се живее и да се работи. Државата помага и финансиски за да создадете нешто, но бара отчет, бара резултати од вас. Букурешт е предизвик и за студирање затоа што е град со голема динамика, со големи компании и град на можности. Сега е криза поради војната и земјата е погодена од големиот број бегалци. Се чувствува страв меѓу народот. Не ни излеговме од еден проблем со пандемијата, а ни чука друг проблем на порти. Не е лесно да знаеш дека на 15 километри од тебе експлодираат бомби – истакна Марјан Михајлов, кој не пропушта лето да не ја посети Македонија или некој културен настан, вклучувајќи ја и Галичката свадба од која сѐ уште е под импресии.
Орце Костов