Уметниците се тука директно или индиректно да укажат на одредени проблеми, да ја заинтересираат јавноста и заедно да им се спротивстават на овие појави, вели Јанкуловски
Годинава Вашиот проект „Лендскејп експириенс“ ја претставува Македонија на престижното Венециско биенале на уметноста (23 април -27 ноември). Комисијата посочи дека проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи... Но за какво дело подетално станува збор, од што се состои, која е пораката што ја носи?
- „Лендскејп експириенс“ е дело во форма на инсталација составена од три целини. Сите делови на некој начин се поврзани едни со други и функционираат како една целина. Овој проект е резултат на нашата повеќегодишна работа на теми слични на оваа. Изминативе години и јас и Моника Мотеска реализиравме дела што се поврзани со оваа тема, така што ова е само сублимат на нашите претходни размислувања. Проектот третира повеќе проблеми и може да се чита на повеќе нивоа. Со секое следно читање се отвораат нови прашања за нас и за нашата планета. Безумието на војните и беспоштедното губење животи. Осуда на насилството врз човекот и природата. Еколошките катастрофи кои, за разлика од војните каде што се случува моментално уништување, бавно и тивко ги уништуваат живите организми. Проектот ги проблематизира човекот и неговата еколошка свест и човекот и нeговата политичка свесност. Проблематизирајќи ги овие теми, загребуваме и навлегуваме длабоко во смислата на нашето постоење и нашата одговорност.
Од најавите можевме да видиме дека се работи за објекти, видеа и просторна инсталација... Ќе биде ли тешко да се направи транспортот и дали веќе се знае локацијата каде што ќе биде изложено делото?
- Уште кога почнавме со развивањето на идејата размислувавме делото да биде приспособливо на различни простори затоа што не го знаевме просторот во кој ќе изложуваме. Делото е составено од три видеопроекции, една подна инсталација и шест големоформатни фотографии. Локацијата е потврдена и македонскиот павилјон оваа година ќе биде сместен во објектот „Скуола деи Ланери“. Станува збор за голем изложбен простор лоциран на фреквентна туристичка улица во зграда изградена во 16 век. Делото е лесно за транспорт, така што не би требало да имаме проблеми околу транспортот и поставката. Следната недела патуваме за Венеција, каде што ќе ги дефинираме можностите на просторот со цел сите технички подготовки да ги направиме во Македонија.
На кој начин проектот одговара на темата на годинашното биенале „Млеко од соништата“?
- Кураторката на овогодишното биенале, Сесилија Алемани, ја позајмила темата на биеналето од насловот на делото на надреалистичката уметница Леонора Карингтон, „Млеко од соништата“, кое е исполнето со цртежи на мутанти, надреални застрашувачки сцени каде што сѐ може да се претвори во нешто друго. Самата тема загатнува многу прашања во врска со човекот и земјата, технологијата и промените, телата и нивните метаморфози. Нашиот проект на одреден начин ги коментира сите овие прашања. Не би се осмелил да кажам дека даваме одговори на нив затоа што сум поборник на мислата дека уметникот е тука да поставува прашања, а не да дава одговори. Иако елементите и мотивите што ги користиме во нашето дело се застрашувачки на некој начин, сепак, постојат одредени оптимистички елементи проткаени во видеата што влеваат надеж дека човештвото ќе се избави од оваа состојба во која е западнато и дека ќе продолжиме да живееме во баланс со природата. Човекот нема да биде победник затоа што во ниедна војна нема победници. Сите се поразени на некој начин, особено во војна каква што е онаа против природата. Воспоставениот баланс човек-природа е нашата победа.
Прашањата што постојано се поставуваат денес се чини дека го доловуваат овој момент во историјата кога е загрозен самиот опстанок на видот, па каква е нашата одговорност или одговорноста на уметникот во оваа смисла?
- Одговорноста е еднаква, како кај оние што на кој било начин го предизвикуваат уништувањето на планетата така и кај оние што не преземаат ништо да го спречат ова уништување. Уметниците се тука директно или индиректно да укажат на одредени проблеми, да ја заинтересираат јавноста и заедно да им се спротивстават на овие појави. Но не секогаш успеваме во ова затоа што профитот и капиталот се моќен непријател.
Претседателот на Венециското биенале, Роберто Цикуто, потсетува дека и насловот на 17. Биенале на архитектурата беше исто така во форма на прашање: Дали можеме да живееме заедно? Па дали можеме?
- И да не можеме, мораме. Пред сѐ, тука мислам на заедништвото помеѓу човекот и природата. Ние, луѓето, како најсвесни суштества на планетава понекогаш помислуваме дека можеме да ги контролираме природата и природните појави. Но, таа повремено нѐ потсетува дека е над нас, па затоа мораме да најдеме начин на соживот со неа. А да не зборувам за заедништвото и толеранцијата помеѓу религиите, народите, половите, па и различните политички гледишта што зависат исклучиво од нас, луѓето.
Интересно е дека кога зборуваме за Венециското биенале, зборуваме како за некој настан што трае само три дена, а не како манифестација што трае седум месеци. Имате ли идеја како ќе го промовирате проектот и како ќе го привлечете и задржите вниманието на тамошната публика?
- Секое уметничко дело што е изложено на некоја изложба има два животи истовремено. Едниот е оној „реален живот“ во галеријата, а другиот е „виртуелен живот“ во медиумите, денес особено на социјалните мрежи и интернет-порталите. Нашата инсталација е така осмислена што посетителот ќе го има истото доживување без разлика дали ќе ја посети изложбата во април или во ноември. Се разбира, доколку не се случат некои несакани технички проблеми. Од друга страна, во овој период заедно со комесарот на изложбата, Дита Старова, и кураторките Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов разработуваме стратегија како нашиот проект да го направиме видлив за цело време на Биеналето. Активно работиме на дизајн на материјалите, дигитални и печатени, кои ќе ги пласираме дел по дел со цел да нема презаситеност од информации. Секако, ќе ги искористиме нашите контакти, како и контактите на наши пријатели со цел информациите за нашата изложба да се појават во повеќе медиуми во регионот. Планирани се и платени реклами на светски познати портали за уметност, но поради финансиите, повеќе ќе одиме на т.н. герилско рекламирање.
Да се учествува на Венециското биенале е сериозна референција за еден уметник, што му носи едно вакво претставување на еден автор, колку влијае врз натамошната работа и кариера на уметникот?
- Мислам дека секој уметник посакува да учествува на Венециското биенале затоа што тоа е едно од најголемите уметнички случувања во светот. Секогаш кога се зборува за некој уметник, за неговото творештво и слично, се потенцира дека бил учесник на ова биенале. Самото учество е можност да ја претставиме нашата работа пред очите на најстручната уметничка јавност во овој момент во светот. Овој настан го посетуваат најпознатите критичари, куратори, галеристи и историчари на уметност од сите светски уметнички институции и музеи. А, колку влијае врз натамошната работа и кариера? Сите очекуваме дека ова биенале ќе направи позитивни промени во нашата понатамошна работа. Се надеваме дека ќе оствариме контакти со некои музеи и галерии и дека нашата уметност ќе стане повидлива во светот. Но, уметноста во светски рамки е голем бизнис, уметничкиот пазар има строги критериуми кои ние од Балканот не ги разбираме доволно. Уметноста кај нас се третира на многу поинаков начин од онаа во светот. Ова можеби ќе биде појасно ако ги споредиме нашите буџети и буџетите на другите држави на ова биенале. Во секој случај, да бидете дел од оваа манифестација и да ја претставувате вашата држава е голема чест и привилегија.