X
 05.10.2021 Здравје

Улогата на витамините и минералите во подобрување на функцијата на имунолошкиот систем

Последните податоци во испитувањата што се направени во последните две години укажуваат на тоа дека суплементацијата со препарати кои содржат витамини Д, Ц, Е, цинк, селен можат да предизвикаат бенефит и подобрување на имунолошкиот одговор кај човекот. Тие се микронутриенти и се познати по нивните антиоксидативни и имуномодулаторни ефекти. Дефицитот на овие микронутриенти може да резултира со дисфункција на имунолошкиот систем и со самото тоа неможност на организмот да се справи со инфекциите кои можат да бидат предизвикани од вируси и бактерии.

Познато е дека вирусите значително го оштетуваат интегритетот на епителиумот, зголемувајќи го ризикот од инфекција и пулмонален едем. Познато е дека витаминот Д го одржува интегритетот на овие споеви, односно епителните клетки. Витаминот Д, исто така, промовира диференцијација на моноцитите до макрофаги, го зголемува производството на супероксид, фагоцитоза и бактериско уништување. Покрај тоа, витаминот Д е во состојба да го модулира адаптивниот имунолошки одговор, со потиснување на функцијата на Th1 клетките на имунолошкиот систем и намалување на производството на провоспалителни цитокини IL-2 и интерферон-гама (ИНФ-γ).


Д-р Катица Марангозова

Витаминот Ц има протективно дејство при вирусни инфекции, суплементацијата со витамин Ц ги поддржува механизмите за респираторна одбрана, спречува вирусни инфекции и го намалува нивното времетраење и сериозност, исто така, има и антихистамински својства што можат да ги подобрат симптомите при инфекција со вирус. Кај пациентите со акутни респираторни инфекции, како што се пневмонија или туберкулоза, има намалена концентрација на витамин Ц во плазмата и администрацијата на витамин Ц кај тие пациенти ја намалува сериозноста и времетраењето на пневмонијата.

Цинкот, исто така, има антивирални и имуномодулаторни ефекти, се постигнува синергистички ефект кога ќе се даде во комбинација со витамин Ц. Селенот и витаминот Е се јаки антиоксиданси и имаат бенефит врз целиот организам, неопходно е да се земаат во доволни количини да се неутрализираат слободните радикали кои се создаваат во човечкиот организам и кои, доколку тие слободни радикали не бидат неутрализирани, нанесуваат штета на целиот организам.

Микронутритиентите, односно витамините и минералите ги има во разновидната храна како овошје, зеленчук, риба, месо, јајца, млечни производи, па неопходно е човекот секојдневно да ги внесува. Доколку не сме сигурни дека доволно внесуваме витамини и минерали преку разновидната исхрана поради современиот начин на живот и немањето време да се обрне внимание на неа, треба да се земаат препарати кои ќе го надоместат тој дефицит. Во консултација со вашиот лекар или фармацевт ќе го направите изборот на препарат кој содржи витамини и минерали и кој ќе биде адекватен за вашиот организам и вашите потреби.

Пишува: д-р Катица Марангозова, инфектолог, ЈЗУ Општа болница - Струмица


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје