X
 05.12.2019 Образование

Петиција на студенти од „Св. Апостол Павле“: Ако не го повлечете предлог-законот, ќе тужиме во Европскиот суд за човекови права

Наместо да се посветиме на учење, творење и креирање проекти, ќе мораме да тужиме и да протестираме за да ги штитиме нашите права, велат во петицијата студенти од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид (УИНТ), која ја поднесоа до премиерот Зоран Заев, до претседателот на Собранието, Талат Џафери, до министерот за образование и наука Арбер Адеми и до координаторите на пратеничките групи во Собранието. Петицијата е против предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитетот „Св. Апостол Павле“.

Целосно ја пренесуваме ПЕТИЦИЈАТА која ја потпишаа студенти од петте факултети при УИНТ: Факултетот за компјутерски науки и инженерство, Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност, Факултетот за применети информатички технологии, машинска интелигенција и роботика, Факултетот за информатички системи, визуализација, дигитална, мултимедијална и анимациска техника и Факултетот за информатички и комуникациски науки.



1. Според Законот за високото образование, член 27, став 5, студентот има право редовно да напредува, да се образова и да го заврши студирањето под услови што важеле при уписот.
- Со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основање на УИНТ, член 1, со промената на името и областа на Универзитетот, директно се прекршува ова право на студентот.

2. Според член 2 од предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основање на УИНТ.
- Не се предвидува ниту еден факултет од областа на компјутерско инженерство.

3. Предлог-законот предизвикува трошоци кои ќе бидат на грбот на студентите, од типот на:
- Промена на индекс.
- Промена на студентска легитимација.

4. Со член 3 се предвидува дека затекнатите студенти на сите факултети и сите студиски програми на Универзитетот продолжуваат со студирање на Факултетот за применета информатика и дигитална хуманистика. Усвојувањето на ваквиот предлог-закон за затекнатите студенти значи повреда на стекнатите права за студирање и дипломирање на факултет од подрачјето на информатички науки. Истите студенти не избрале да дипломираат на дигитална хуманистика, како што противправно им се наметнува со овој закон. Ваквата повреда создава правна несигурност и страв за сопствената иднина кај студентите.



5. Се создава празен период до изборот на в.д. ректор и в.д. декани, за неможност на студентите редовно да студираат, полагаат и да дипломираат. Кој ќе ги потпишува неопходните документи и кој ќе ги води неопходните постапки во овој меѓупериод?

6. За овој предлог-закон не постои претходна анализа дека предложените студиски програми се потребни и атрактивни. Предлагачите го засноваат предлог-законот врз фактот дека на Охрид, градот на UNSECO и големо културно наследство, му се потребни повеќе луѓе од областа на заштита на животна средина и хуманистика. Воведувањето вакви студиски програми ќе доведе до сигурен пад на бројот на заинтересирани студенти, а воедно и до поголемо иселување на младите. Бараме детална анализа во која ќе биде објаснета потребата за вакви промени, во која ќе бидат изјаснети ставовите на студентите и другите засегнати страни.

7. Областа на компјутерски науки и инженерство е најбарана и најплатена во локалниот и глобалниот пазар на труд. Со овој предлог-закон им се одзема правото на сегашните и идните студенти да студираат и да дипломираат на посакуваниот универзитет/факултет, поради тоа што семејствата со пониски финансиски приходи нема да бидат во можност да му обезбедат на своето дете соодветно образование.

8. Во нашата држава има недостиг на ИТ-кадри, а со предлог-законот еден технички универзитет за компјутерски науки се предвидува да се трансформира во друг универзитет со факултети за кои нема толкава потреба. Факултетите што се наведени се повеќе сродни со факултетот за туризам бидејќи таму се изучува културно наследство.

9. Ние не сме против отворање нови факултети, но не по цена на претворање на постојните факултети во насоки на Факултет за применета информатика и дигитална хуманистика. Нови факултети на УИНТ можат да се отворат, но факултети од областа на информатика и компјутерско инженерство мора да има и понатаму.



Со овој предлог-закон нашите права се повредени и ние како студенти сме длабоко разочарани бидејќи наместо да се посветиме на учење, творење и креирање проекти, ќе мораме да тужиме и да протестираме за да ги штитиме нашите права. Усвојувањето на овој закон ќе предизвика големи последици, па ние, студентите, ќе бараме да ни се исплати отштета затоа што ќе бидеме спречени да студираме и да го завршиме факултетот што сме го одбрале, а со тоа и да се вработиме на работно место според тој факултет. Исто така, ние ќе бидеме принудени преку судските институции, Уставниот суд на РСМ и Европскиот суд за човекови права да се бориме за своите права. Доколку не биде прифатено нашето барање за отфрлање на предлог-законот, ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести каде што ќе ги вклучиме и медиумите.

Посебно нагласуваме дека петицијата е изготвена од страна на студентите, без никаков притисок од УИНТ, ниту пак од некоја политичка партија. Воедно со оваа петиција бараме средба со претседателот на Владата во најкраток можен рок, со оглед на фактот дека предлог-законот е веќе во собраниска процедура.

Катерина Коркутоска
Претседател на Факултетско студентско собрание на Факултетот за компјутерски науки и инженерство при УИНТ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование