87 филма ќе учествуваат на првото издание на Flipbook Film Festival, кој ќе се реализира од 11 до 13 август во паркот на Младинскиот културен центар. Првичните датуми (од 7 до 9 август) се одложени поради временските услови. Со фестивалот ќе се промовира современиот европски авторски анимиран филм, но и авторски и студентски филмови на автори од Македонија.
Покрај физичкото издание на фестивалот, со бесплатни филмски проекции и изложба на цртежи од анимирани филмови, Flipbook Film Festival ќе има и онлајн-издание, кое ќе се реализира од 7 до 13 август. На платформата Cinesquare публиката ќе може да ги гледа сите филмови, да гласа и да ја додели наградата за најдобар анимиран филм, а ќе бидат одржани и онлајн-работилници за сценарио, продукција и постпродукција на анимиран филм.
Во главната селекција на најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 25 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година. Меѓу другите, ќе бидат прикажани: „Ќерка“ на режисерката Дарија Кашчеева, кој има освоено награди на Санденс, Анси, Торонто и номинација за „Оскар“ минатата година, „Мистер Маре“ на унгарската режисерка Лука Тот, кој учествуваше на Берлинале и на Сараевскиот филмски фестивал и „Sh_t Happens“, прикажан на фестивалот во Венеција и Санденс, португалскиот „Пурпурно момче“ итн.
Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат 25 филма. Оваа категорија е интересна бидејќи авторите ги прават своите филмови во текот на своето студирање на европските филмски академии и можат да си дозволат целосна авторска слобода и експериментирање со медиумот. Ќе бидат прикажани филмови од најдобрите европски школи: хрватската, белгиската, чешката, француската.
Новина за македонската публика е натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, хибридна филмска форма која во последните десетина години зазема сè позначајно место во изразот кај многу документаристи и аниматори. Во главната, студентската селекција и во панорамата ќе бидат прикажани дури осум македонски анимирани филмови, повеќето премиери за македонската публика. Во фестивалските денови ќе имаме можност, меѓу другите, да ги гледаме и новите филмови на Иван Андреевски, Вук Митевски, Саша Станишиќ, Владимир Лукаш и студентските филмови на Сандра Јовановска и Кристијан Савиќ.
За наградите од секоја од трите селекции ќе одлучуваат Катрин Новаковиќ, хрватска авторка на анимиран филм, Кристина Стојановски, македонска режисерка на анимиран филм која живее и работи во Германија, и Гоце Господиновски, професор по анимиран филм во Скопје.
Фестивалот е поддржан од Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за филм.