X
 06.10.2024 Здравје

Научниците го прогласија најздравото овошје на светот

Сигурно нема да сакате да ги додавате во смути или јогурт, но дефинитивно ќе сакате да ги вклучите во вашиот ручек и вечера. Станува збор за доматите, кои научниците од Американскиот центар за контрола и превенција на болести неодамна ги прогласија за најздраво овошје на светот. Да, овошје, бидејќи според официјалната дефиниција, овошје е сѐ што содржи семиња. Агенцијата објавила листа со суперхранливи видови овошје и зеленчук, односно оние што имаат најголемо влијание врз намалувањето на ризикот од хронични болести. Првите 26 намирници на листата се однесуваат на зеленчукот, претежно зеленчук со крути листови (како зелка) или листест зеленчук. Првото овошје на скалата се доматите, со оцена за хранлива густина од 20,37.

Оцената била пресметана врз основа на 17 клучни хранливи материи. Според Клиниката во Кливленд, средно суров домат содржи 17 грама витамин Ц (19 проценти од препорачаната дневна вредност за возрасни), 10 микрограми витамин К (8 проценти од препорачаната дневна вредност), 296 милиграми калиум (6 проценти од препорачаната дневна вредност) и 19 микрограми фолати (5 проценти од препорачаната дневна вредност). Покрај тоа, доматите се богати со два важни антиоксиданси: ликопен и бета-каротен.

Ликопенот им дава на доматите богата боја и му помага на телото да се ослободи од слободните радикали, кои можат да ја оштетат ДНК. Истражувањата покажале дека ликопенот може да го намали ризикот од рак на простата, како и ризикот од мозочен удар.

Прегледот на истражувањето за доматите и ликопенот од 2021 година покажал помала вкупна смртност кај луѓето што консумирале соодветни количини домати, како и помала смртност од коронарна срцева болест, цереброваскуларни болести, рак на простата и рак на желудникот. Внесувањето ликопен во исхраната или присуството на ликопен во крвта е поврзано со помала вкупна смртност, како и со помали шанси за рак на простата, мозочен удар, кардиоваскуларни болести, метаболички синдром и неплодност кај мажите.

Доматот го задржува ликопенот, без разлика дали се јаде сиров, варен или сушен на сонце. Сепак, имајте на ум дека колку е поцрвен доматот, толку е поголема содржината на ликопен, па затоа зелените домати не го содржат овој антиоксиданс.

Кога станува збор за бета-каротенот, тој во телото се претвора во витамин А, кој е неопходен за здрави очи и кожа, објаснуваат експертите од клиниката „Мајо“. Доматите се составени од 95 проценти вода, што ги прави одличен избор за хидратација.

Доматите содржат само 23 калории, помалку од еден грам масти и 5 грама јаглехидрати.

споредба, првата храна на новата листа е поточарката, со оцена за хранлива густина од 100. По доматите со оцена од 20,37, најздраво овошје се лимоните со оцена 18,72, јагодите (17,59), портокалите (12,91), лиметата (12,23), грејпфрутот (11,64), капината (11,39) итн.

Извор: vecernji.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје