X
 07.03.2019 Живот

Оваа компанија на вработените им дава слободни денови за да се осознаат себеси

Технолошките компании од Силициумската долина се познати по неограничените политики за одмор. Токму бенефициите станаа клучни за овие компании да регрутираат врвен талент.

Една компанија, пак, оди чекор понатаму и овозможува нешто несекојдневно.

„Бетрап“, стартап-компанија од Сан Франциско која ги поврзува професионалните тренери со оние што бараат совети за кариера - на своите вработени им дава пет дена во годината за да ја напуштат работата и да почнат да работат на себеси.

Наречени „интимни работни денови“, овие пет дена може да се земат во текот на цела година. Вработените во компанијата често ги земаат овие денови за да медитираат или да планинарат. Други, пак, за да останат дома и да читаат. Некои се одлучуваат за дигитална детоксификација, не ги проверуваат телефоните, пораките или социјалните мрежи во текот на денот.

Како што вели соосновачот на „Бетрап“, Алекси Робишау, овие денови на вработените им даваат време за саморефлексија.

- Поголемиот дел од работата што ја работиме е надвор од нашата личност. Но, дел од нашата професионалност, особено во креативната економија, е поврзана со работењето на себеси - вели тој.

„Бетрап“ ја започнала оваа традиција пред две години, кога компанијата имала само 30 вработени. Денес, компанијата брои 150 вработени и голем дел од нив ги споделуваат искуствата поврзани со овие слободни денови на каналот на компанијата на социјалната мрежа „Слак“.

Неодамна еден вработен споделил дека отишол да сурфа за време на еден од тие слободни денови, но завршил поминувајќи го денот на плажа, седејќи на песокта.

- Тој сфати дека сè уште е под стрес од емотивниот настан што му се случил. Воопшто не влезе во вода, туку отиде да „сурфа“ во својата душа. И се врати полн со енергија - вели Робишау.

Џасинта Хименез, главен шеф во „Бетрап“, вели дека компанијата верува дека посветеното време за саморефлексија ги прави вработените поефективни кога се враќаат на работа.

1
Фото: Getty Images


- Ако не му дадеме доволно време на мозокот да размисли, тоа ќе го компромитира начинот на кој донесуваме одлуки. Затоа треба да си дадеме простор и да го пренасочиме вниманието на нешто друго освен на она што го правиме секој ден.

Овие слободни денови не спаѓаат во одморот што вработените имаат право да го земат. Канцелариите не работат за сите поголеми државни празници, а компанијата вели дека ги охрабрува вработените да земаат најмалку две недели секоја година како дел од својата неограничена политика за одмор.

Хименез ја споредува идејата за „интимни работни денови“ со слободните недели на Бил Гејтс наречени „недели за размислување“, каде што милијардерот филантроп поминува седум дена целосно изолиран од пријателите и семејството, размислувајќи за животот и за нови идеи.

- Постои теорија наречена „теорија за реставрација на вниманието“ и во основа таа вели дека кога сте во средина со пониски нивоа на сензорни инпути, особено во природа, вашиот мозок ја враќа сопствената когнитивна способност. Може да ги обнови и надополни вниманието, мотивацијата и креативноста - вели Хименез.

Робишау смета дека „интимните работни денови“ се важни особено за „Бетрап“; со оглед на тоа што компанијата работи во полето во кое им помага на луѓето да ги унапредат своите кариери преку тренинг-услугите.

- Мислам дека е важно да си бидеме верни на себеси и на нашите вредности. Како ќе создадете подобро искуство поврзано со професионалната трансформација ако не го искусувате тоа секојдневно? Мислам дека тоа е една од најтешките работи кога сте во бизнисот на физиолошки искуства - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот