X
 07.05.2022 Живот

Северна Кореја ги мобилизира канцелариските работници да работат на поле поради недостиг на храна

Канцелариските работници и работниците од фабриките во Северна Кореја се испратени во земјоделските области низ земјата за да се приклучат во борбата против сушата, објавија државните медиуми, поради загриженоста за недостиг на храна.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повика на мерки за подобрување на напнатата ситуација со храната предизвикана од пандемијата и тајфуните, и покрај малите подобрувања на почетокот на минатата година.

Сушата и поплавите долго време претставуваат закана за Северна Кореја, која нема системи за наводнување и друга инфраструктура, а секоја сериозна природна опасност може да ја осакати нејзината економија.

Севернокорејскиот весник „Родонг Синмун“ објави дека владините претставници и работниците во компаниите и во фабриките се здружиле со земјоделците низ земјата во дистрибуција на опрема за пумпање и развој на водни ресурси во региони склони кон суша.

- Во тек се систематски, агресивни напори за подигнување на јавната свест и мобилизирање на сите расположливи средства за однапред да се спречат штетите на посевите од сушата - пишува весникот.

кореја
Извор: Wikipedia

Метеоролошките власти на Северна Кореја во вторникот предупредија на суво време низ целата земја до почетокот на следната недела. Метеоролошката агенција минатата недела соопшти дека просечната температура за април била за 2,3 Целзиусови степени повисока од вообичаеното, со само 44 отсто од просечните врнежи на национално ниво.

Во Ању и Каечон, северно од главниот град Пјонгјанг, луѓето создале езерца, додале ѓубрива и подобрувачи на растот на посевите и испратиле трактори, камиони и култиватори да носат вода до фармите.

Младите работнички единици, наречени „долгјеокдае“ или младински бригади, кои се мобилизираат во големи инфраструктурни проекти, неодамна изградиле водни патишта во источниот пристанишен град Хамхунг како дел од напорите за модернизирање и проширување на капацитетите за наводнување.

Во март Обединетите нации го повикаа Пјонгјанг повторно да ги отвори своите граници за помош на работниците и увозот на храна, велејќи дека продлабочена изолација веројатно предизвикала многумина да се соочат со глад.

Северна Кореја официјално не потврди ниту еден случај на ковид-19, но имаше затворени граници и ограничувања за патување, пред да ја продолжи трговијата со Кина на почетокот на оваа година.

Светската програма за храна процени дека дури и пред ударот на пандемијата, 11 милиони, или повеќе од 40 отсто од населението, биле недоволно хранети и барале хуманитарна помош.

Извор: Euronews.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот