X
 07.07.2022 Наша тема

Инсталирањето фотоволтаици на домаќинствата ќе ги намали сметките, но не се знае дали ќе биде фер цената на струјата што ќе се разменува со ЕВН, велат експерти

Од почетокот на јули граѓаните можат непречено да поставуваат фотоволтаици за производство на електрична енергија на своите покриви со моќност од 6 киловати. Универзалниот снабдувач „ЕВН Хоме“ ќе треба да им го откупи вишокот струја на граѓаните или да се пребијат во месечната сметка ако трошат повеќе од произведената енергија

Ова е предвидено во Правилникот за обновливи извори на енергија што го изработи Министерството за економија. Овој документ или водич за инсталирање на фотоволтаици не дава одговор дали тие се исплатлива инвестиција на краток или на долг рок, како и дали имаат доволно капацитет да ја заменат целосно потрошувачката на струја од ЕВН за време на грејната сезона.

Министерството за економија ќе субвенционира до 30 отсто од трошоците за инсталирање панели на покривите на домаќинствата, но не повеќе од 1.000 евра, а инвестицијата на фотоволтаици со инсталирана моќност од 6 киловати чини околу 7.000 евра.

Професорот Димитар Димитров од Факултетот за електротехника и информациски технологии, кој работи на оваа проблематика, за Факултети.мк вели дека сите економски пресметки во моментов покажуваат дека инвестирањето во фотоволтаични системи е исплатлива инвестиција со брз поврат на вложените средства, а Македонија има голем сончев потенцијал, за што се потребни сериозни мерки за поддршка на неговото искористување.

- Поддршката треба да биде индиректна, т.е. во јакнење на преносната способност на електроенергетскиот систем и градба на флексибилни електроцентрали. Државата треба делумно да го финансира ова, а останатиот дел може да биде на товар на инвеститорите во фотоволтаични и во ветерни централи. Нивната исплатливост треба да се гледа како можност за ова да заживее. Напливот на заинтересирани инвеститори не треба да нè плаши, туку да нè радува. Треба да им се овозможи на сите инвеститори што имаат референцирани студии и планови, како и сериозни гаранции, што поскоро да ги изградат централите. Со тоа Македонија не само што ќе го намали увозот на електрична енергија туку и во одреден момент ќе стане извозник - вели професорот Димитров.

Електричната енергија што ја произведуваат фотоволтаиците директно зависи од сончевото зрачење и најдобро е струјата што ја произведуваат во истиот момент да се потроши кај некој потрошувач во близина, смета Димитров.


Димитар Димитров

- Поради тоа, потрошувачката треба да е во текот на дневните часови. Во таков случај загубите при преносот и дистрибуцијата на електричната енергија значително се намалуваат. Сончевата енергија е распределена насекаде, што значи дека и електричната енергија може да се произведува насекаде. Ако фотоволтаичните системи се градат на локации каде што има потрошувачи, тогаш јасно е дека и загубите при преносот и дистрибуцијата се намалуваат. Фотоволтаичните централи многу побрзо се градат отколку што траат постапките за добивање одобренија за градење, кои во голема мера се непотребни, нерелевантни, а понекогаш се и апсурдни - коментира Димитров.

Миле Кокотов, инженер по индустриски менаџмент и магистер по технички науки од Штип, кој истражува во областа на електрониката и телекомуникациите, очекува масовна примена на фотоволтаиците во блиска иднина.

- Енергијата од сонцето е бесплатна, а Македонија е на многу поволна географска локација со многу голема инсолација. Енергијата (моќноста) од сонцето измерена на хоризонтална површина на локација на Македонија изнесува околу 1 кW/m2. Всушност, јасно е дека производството на електрична енергија од сонцето сѐ повеќе ќе се зголемува во иднина. Технологијата за производство на фотоволтаични панели постојано се унапредува, производството и ефикасноста на панелите се зголемува, а цените се намалуваат, па така инвестицијата за еден фотоволтаичен систем денес е многу помала во споредба со времето од пред неколку години. Во иднина потребната инвестиција ќе биде уште помала, а бројот на инсталирани фотоволтаични системи ќе биде многу поголем бидејќи се очекува масовна примена дури во секое домаќинство - објасни Кокотов.

Во новите законски измени се вели дека ќе може да се инсталираат фотоволтаици со моќност до најмногу 6 киловат-часа. Експертите се согласни дека сметките ќе се намалат и дека оваа инсталирана моќност е доволна за почеток, но треба да се направат анализи на сметките за потрошена електрична енергија.

- Одговор на прашањето дали оваа моќност е доволна за едно семејство да се грее во зима не може да се даде без анализирање на сметките за струја и карактеристиките на покривот каде што би се поставиле фотоволтаичните модули. Правилникот за обновливи извори на енергија, каде што е пропишано ова, е направен за да им се овозможи на потрошувачите да станат производители-потрошувачи. Притоа, објектите во кои се инсталирани ФВ-системи во дадени периоди го земаат недостигот на енергија од мрежата, а во дадени периоди вишокот произведена енергија го даваат во мрежата. Главната намена на Правилникот е да се овозможи испорачаната енергија да биде финансиски ефектуирана. Следствено на ова, и во случај енергетски да се покрие едно домаќинство во подолг период, не значи дека нема да плаќа сметки за електрична енергија. Но, едно е сигурно - дека сметките ќе се намалат. Вишокот енергија, производителите-потрошувачи, преку мрежата на Електродистрибуција, ја предаваат на „ЕВН Хоум“. Според Правилникот и условите во моментов, цената на испорачаната енергија ќе биде за 10 отсто пониска од цената што „ЕВН Хоум“ ја набавува од ЕСМ, која е регулирана и е многу ниска - смета професорот Димитров.

Инженерот Кокотов го дели истиот став со професорот Димитров - дека законските решенија кај нас се многу бавни и комплицирани поради незнаењето испреплетено со лични интереси на поединци кои имаат моќ да влијаат врз одлуките.


Миле Кокотов

- Заостануваме во однос на сите земји од околината, а да не зборувам за развиените земји, каде што ова е регулирано многу добро. Само треба да се препише и да се сака да се имплементира. Фотоволтаичен систем од 6 kW по семејство е мала моќност, но сепак е доволна за почеток. Притоа треба да се има на ум дека инсталираната моќност од 6 кW може да се добие само во период на максимална инсолација, односно во летните месеци и само кога има сонце. Ако небото е облачно и во зимски месеци, моќноста што може да ја испорача фотоволтаичниот систем ќе биде многу помала. На пример, во зимските месеци на подрачјето на Македонија се добива околу 5 пати помала моќност отколку во летните месеци. Од друга страна, греењето ни е потребно во зима, па добиената моќност нема да биде доволна. Сепак, општо земено, во летните месеци вишокот енергија ќе се предава на електроенергетскиот систем, за други потрошувачи, па со меѓусебно пребивање на фактурите со ЕВН може да се смета дека на годишно ниво сметките за струја што треба да ги плати едно просечно семејство ќе бидат многу помали. Дали ќе биде фер оваа размена, зависи од законските решенија што треба да ѝ наметнат на ЕВН (или другите продавачи на електрична енергија) цени кои би требало да бидат фер. На пример, цената за откупен кWh електрична енергија од ЕВН не би требало да биде пониска од онаа што тие би им ја продавале на домаќинствата (се разбира, откако ќе се вкалкулираат и трошоците на ЕВН при откупот и преземањето) - анализира Кокотов.

Сметките за електрична енергија се повисоки од 1 јули, а граѓаните ќе имаат можност да штедат и да плаќаат помалку ако потрошат помалку благодарение на блок-тарифите што РКЕ ги воведе, исто така од 1 јули. Најмногу стравуваат граѓаните што можат да се греат единствено на струја.

Професорот Димитров наведе неколку решенија за греење на краток и на долг рок кои би требало да ги намалат сметките за струја.

- За до следната зима најдобро е да вложите во подобра топлинска изолација, а на подолг период да го супституирате греењето на просториите, санитарната вода и ладењето со топлински пумпи. Секако, паралелно со тоа, градбата на фотоволтаичен систем би помогнала да се намалат сметките. Инаку, што се однесува до инсталирањето на ФВ-системи во семејни куќи, од повеќе причини (ефикасност, безопасност, гаранции, распределба на моќност по фази, едноставност при изведба итн.) сметам дека најдобро решение е примената на микроинвертори, т.е. конфигурација во која за секој фотоволтаичен модул да има посебен инвертор, со соодветна моќност - додаде професорот Димитров.


Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема