X
 08.02.2023 Живот

Ниту куќа ниту компанија: Сѐ поголем број Австралијци одлучуваат да работат од кафуле

Австралијците ја истражувале атрактивноста на работата од кафулиња и алтернативни локации во земјата, за што се користат и како се однесуваат тамошните „лаптоп-работници“.

Работењето во кафулиња и пабови со години е вообичаено меѓу хонорарците. Но, со оглед на тоа што хибридното работење станува „новото нормално“, тоа е тренд што ќе ја дефинира 2023 година. Барем така покажува истражувањето на австралискиот Технолошки универзитет „Свинбурн“ во Мелбурн, кој ја истражува привлечноста на работата во кафулиња и алтернативни локации, за што тие се користат и како работниците се однесуваат таму.

Неодамнешното истражување на „Оупен тејбл“ покажува дека речиси половина од работниците на далечина работат во кафулиња или на други локации. Трендот е особено популарен меѓу работниците од генерацијата З. Еден од десет вели дека тоа е неговото омилено место за работа.

Истражувањето на Универзитетот „Свинбурн“ потврдува дека кафулињата се првите фаворити, но и библиотеките, пабовите, парковите и работните места сѐ повеќе се споменуваат како места за работа.

Луѓето што работат на други места го прават два до трипати неделата. Остануваат помеѓу 15 минути и 4 часа и трошат меѓу четири и 30 евра по посета. Најчесто работат сами, а кога ја користат третата локација за помали состаноци, големината на групата ретко надминува две или три лица.

Креативно размислување

Секојдневната работа се врши надвор од домот и канцеларијата, но престојот во кафулиња и слични простори се користи и за креативно размислување, читање, решавање административни задачи и документи, расчистување на насобраните електронски пораки, за мали состаноци и неформални телефонски повици.

Работниците најчесто се привлечени да работат таму поради доброто кафе, музиката, приватноста, но убедливо најпопуларните одговори беа: гостопримливоста, интернет-конекцијата и приклучоците на струја. Мнозинството лаптоп-работници бараат пријатна, пријателска атмосфера каде што нема метеж, бучава и каде што персоналот не ги принудува да заминат по одредено време.

Работниците најчесто консумираат грицки и лесни оброци, а повеќе од половина од анкетираните изјавиле дека нарачуваат само храна што можат да ја јадат со една рака, па сендвичите, колачите, колачињата и мафините се нивниот најпопуларен избор.

Се смета дека првите три придобивки се менталното ресетирање, заедницата и социјалната поврзаност и одличната храна и кафе. На прашањето колку работата од такво место придонесува за нивната општа благосостојба, просечниот одговор беше неверојатни 86 отсто.

Шансата да продолжи овој тренд во иднина е уште поголема: 98 отсто. Сепак, се покажа дека не сите работни задачи се погодни за вакви места за работа. Лаптоп-работниците ги избегнуваат кога работат на нешто од доверлива природа, кога одржуваат долги или поголеми состаноци и кога работата бара поголем екран или специјална опрема.

Извор: Bug.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот