X
 08.08.2020 Здравје

Се случува еднаш во 80.000 породувања: На Гинекологија се роди бебе во „водена обвивка“

На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – ГАК, наделава се случи несекојдневно породување. Станува збор за медицинско чудо и редок феномен – раѓање во амнионска обвивка, што се случува еднаш во 80.000 породувања, информираат од Клиниката.

Бебето родено во „водена обвивка“ дојде на свет со помош на д-р Елена Ѓоргиевска-Николовска, гинеколог, која заедно со својата колешка д-р Катерина Николоска, со царски рез ја породиле трудницата која носела близнаци.

– Како гинеколог-акушер со 18-годишно работно искуство на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, имав прилика, заедно со мојата колешка д-р Николоска, да породиме пациентка во термин со близначка бременост со царски рез, при што, по породувањето на првото бебе, почна породувањето на второто бебе со „водена обвивка“. Целата екипа во хируршката сала во еден момент беше изненадена од овој природен феномен и покрај големиот број породувања кои ги правиме секојдневно. Навистина, тогаш сфаќаме колку е совршена природата и како ги создала совршено сите работи – вели д-р Елена Ѓоргиевска-Николовска.


Фото: ГАК

Во текот на бременоста бебето е сместено во матката на мајката, во обвивка која се нарекува „амнионска обвивка“, исполнета со течност, која го штити од бактерии и вируси од надворешната средина во текот на неговиот развој. Обвивката ги поддржува постелката и папочната врвца да ги извршуваат своите функции – да донесат кислород и хранливи материи од мајката кон бебето. На овој начин се развива бебето и преживува заштитено во стомакот на мајката.

– Во текот на породувањето многу ретко се случува „околуплодовата обвивка“ да не прсне и бебето да се роди заедно со обвивката, како што било и внатре во матката, а многу ретко се случува при царски рез, бидејќи околуплодовите обвивки мора да прснат, за да се породи плодот, а речиси никогаш не се случува при спонтано вагинално раѓање – појаснува д-р Ѓоргиевска-Николовска, потенцирајќи дека станува збор за исклучително редок феномен во природата, и се верува дека раѓањето во обвивките им носи среќа и на бебето и на целото семејство.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје