Поради слабите резултати на меѓународните истражувања, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања лани спроведе истражување во 10 училишта во Скопје, на примерок од 1.288 ученици – 703 од 4. одделение и 585 од 8. одделение. Главен истражувач е проф. д-р Петар Атанасов, а во тимот се и м-р Луан Имери, Сафет Балажи и доц. д-р Јован Близнаковски.
Истражувањето изврши мерење кај децата од 4. и 8. одделение преку методот читање со разбирање со цел да се испитаат начините на кои децата читаат, разбираат и одговараат на прашања, но и даваат свои ставови и мислења, поврзани со одредена тема и за конкретен општествен проблем.
Истражувањето покажа дека учениците имаат слаби резултати на тестови кои содржат прашања со различно ниво на сложеност. На прашања кои бараа едноставни одговори (заокружување, набројување) децата успеваат да освојат одреден број на бодови. Најголем проблем во истражувањето се појавува кога се бара одговор во кој треба да се даде личен став или мислење за текстот.
Во продолжение ви ги пренесуваме заклучоците од истражувањето:
1. Општо сознание е дека генерациски опаѓа квалитетот на образованието. Оттука, претпоставувавме, дека учениците од 8. одделение ќе бидат подобри од учениците од 4. одделение. Тестовите беа приспособени на возраста и под нормални околности би требало резултатите да се блиски. Но, разликата во резултатот и освоените бодови не е мала. Со овие резултати претпоставуваме дека кога оваа генерација од 4. одделение, што беше предмет на истражување, ќе дојде до 8. одделение ќе биде послаба од сегашната генерација на осмоодделенци. Оваа претпоставка се базира и на многу други фактори кои влијаат врз децата: промените во општествените односи, условите во училиштата и брзите промени во непосредното опкружување.
2. Очекувано, девојчињата остварија подобри резултати од машките и во 4. и во 8. одделение. Ова се веќе резултати кои се во согласност со многу тестирања соодветни за оваа возраст. Објаснувањата за ова се различни, но овој резултат се смета за аксиоматски. Девојчињата постојано постигнуваат подобри резултати од момчињата во образованието од основно училиште до универзитет поради повисоките нивоа на совесност, подобрите организациски вештини и поголемата ангажираност на часовите/наставата. Девојчињата генерално поминуваат повеќе време на домашните задачи, поседуваат подобри вештини во читањето и покажуваат однесување „посоодветно за училницата“, што е во согласност со традиционалните образовни системи. Ова е предизвик за истражување за тоа кои причини влијаат кај нас.
3. Претпоставувавме дека учениците освојуваат повеќе бодови кога читаат и одговараат на прашања на текст со тема која им е добро позната. Тогаш имаат поголема самодоверба во искажување одреден став или мислење. Се разбира, овој став има и елементи на општествено научено мислење, кое постои кога за одредени прашања често се разговара и се дискутира во јавноста. Оваа самодоверба кај децата исчезнува кога читаат текст со кој се сретнуваат првпат. На пример, текст со тема за која не знаат ништо претходно.
4. Очекувавме учениците кои голем дел од денот го поминуваат на мобилен или се често на социјалните мрежи да имаат послаби резултати од другите деца. Ова се потврди кај употребата на мобилниот телефон, но е различно во однос на социјалните мрежи. Добиените податоци во истражувањето покажуваат дека доколку дигитализацијата во основните училишта умешно се насочува и се употребува како вештина, можеби учениците ќе развијат добар однос кон дигиталните алатки и ќе може да ги користат и во процесот на учење. Примерот со мобилните телефони:
5. Варијаблата за начинот на кој децата пишуваат се појави во текот на оценувањето на тестовите. Поради барањето на некои прашања децата да даваат пишувани одговори, видовме дека тоа е варијабла што е мерлива и што може да се тестира. Ова мерење го спроведовме само во една општина. Анализата покажа дека учениците од 4. и 8. одделение имаат генерално три начини на пишување: одличен ракопис, читлив ракопис и лош (или нечитлив) ракопис. Учениците кои имаат одличен ракопис имаат многу поголем успех на тестот од учениците што имаат лош ракопис. Веројатно одличниот ракопис се поврзува и со други карактеристики на учениците, што влијаат врз функционалната писменост кај децата. Добивме потврда/сознание дека подобриот ракопис има висока корелација со резултатите од учењето. Можеби, нечитливиот ракопис, на мала возраст зборува за незаинтересираност на децата или за слаб капацитет за учење (47 %). Во секој случај е интересна варијабла за анализа.
6. За крај уште едно интересно сознание. Се работи за контрастот меѓу вниманието на учениците и нивните дневни навики. Од табелата се гледа дека видеото како консумација и начин на живот доминира во текот на денот кај децата, особено во 8. одделение. Согласно ова, според ова истражување, се гледа дека некаде по 4. одделение децата драстично помалку читаат книги како активност. Овие податоци може да се искористат како елементи за идните промени во наставните програми.
Во делот со препораки до креаторите на политики и учесниците во образовниот процес се наведува:
- Многу е важно децата во основното образование да градат сопствено мислење и став кон различни проблеми, прашања или предизвици. Помалку е важно колку лекции или наставни единици или, пак, предмети ќе им вкалкулираме во дневниот распоред. Тие треба да научат да мислат и да разговараат за решенија. Со ова ќе направиме две позитивни работи: ќе ги оспособиме децата активно да размислуваат и да се подготват за предизвиците што ги очекуваат.
Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, УКИМ