X
 10.03.2023 Живот

Шпанија со закон го зголемува бројот на жени во политиката и во бизнисите

Левичарската влада на Шпанија претстави нацрт-закон чија цел е да го зголеми уделот на жените во политиката и во управувањето со бизнисот и да ја унапреди родовата еднаквост.

Законот за еднаква застапеност се обидува да го воведе принципот на целосна родова еднаквост на изборните листи и да наметне минимална застапеност на жените од 40 отсто во одборите на директори на големите компании.

- Треба да искористиме 100 отсто од женскиот талент во нашата земја за да ја подобриме продуктивноста на компаниите и да имаме посилен и поодржлив раст со текот на времето - рече министерката за економија Надија Калвино по состанокот на владата.

Калвино, која се најде во центарот на вниманието минатата година кога рече дека повеќе нема да присуствува на настани доколку жените не се еднакво застапени меѓу говорниците, рече дека законот ќе го скрши „стаклениот плафон“ во јавниот и приватниот сектор и ќе ја консолидира Шпанија како лидер во родовата еднаквост.

Законот ќе бара жените да сочинуваат најмалку 40 отсто од менаџментот на која било компанија на берзата до јули 2024 година, додека компаниите што не се на берзата и со повеќе од 250 вработени и годишен обрт од 50 милиони евра треба да ја постигнат таа цел до 2026 година.

Ова се потешки цели од оние поставени во Директивата на Европската Унија, според која, жените мора да сочинуваат 40 отсто од таканаречените неизвршни директори до 2026 година, односно 33 отсто од сите директори.

Застапеноста на жените во одборите на директори на шпанските јавни претпријатија минатата година од помалку од 30 отсто порасна на 32,37 отсто, се наведува во извештајот на истражувачката компанија „Атревија“.

Извор: Lola Magazin
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот