Садењето дрвја е инвестиција во зелена иднина. Тоа е мото на овие ентузијасти, кои последниов период работат на омасовување на идејата дека секој вљубеник во природата може со еден клик да придонесе во борбата против енормното загадување во Македонија
Авантуристичкиот тим на Treebanks преку модерен концепт на собирање средства за купување садници успеа за две години да пошуми неколку ридски предели во Македонија, а ниту пандемијата не ги поколеба во заедничката идеја да влијаат против глобалното затоплување. Одличната идеја на тимот на Treebanks, кој го предводи младиот инженер Михаил Стевчев, почнала да функционира кон крајот на 2018 година. Treebanks во 2019 засадил 1.700 дрвја на неколку локации во Македонија: на Водно, во Охрид, на езерото Младост на делот што го уништи големиот пожар и во Радовиш.
-
Treebanks се роди од неколку различни жили кои изртија во различни периоди, а се споија во една пред неколку месеци. Во последниве неколку години голем број претприемачи пробуваат да најдат решение за глобалното затоплување. Подолг период со тимот на Treebanks размислувавме како да ги искомбинираме различните биографии во заедничкa идеја да влијаеме против глобалното затоплување, односно намалување на стакленичките гасови во атмосферата. На учеството на Софт лендинг во Берлин се запознав со можноста за користење филијален маркетинг за поддршка на одредена социјална кауза. Оваа нова алатка беше пресудна за создавањето на Treebanks. Со помош на процентот од филијалниот маркетинг од туристички услуги обезбедуваме средства за садење дрво - вели Михаел Стевчев за раѓањето на концептот во кое учествувале и неговиот татко Митко, кој е агроном по професија, и братот Невен, лекар.
Луѓето можат на неколку начини да помогнат во работата на Treebanks. Секоја резервација на booking.com направена преку страницата на Treebanks овозможува да се засади едно дрво. За оние што сакаат да патуваат, услугата нема да ги чини ништо, но ќе бидат дел од мисијата за намалување на последиците од климатските промени и зазеленувањето на нашата земја. Со оглед на тоа дека пандемијата, која е во полн ек, ги ограничи патувањата, оние што не патуваат можат да купат маичка со нивното лого, а средствата повторно ќе се наменат за садење дрвја. Најголемите ентузијасти што сакаат директно да придонесат во зачувување на животната средина можат да учествуваат во нашите акции за пошумување како доброволци.
- Средствата за садење дрвја ги собираме со помош на филијален маркетинг. Имаме партнерство со Вооking.com, Kiwi.com и Agoda.com. За секоја резервација на овие платформи што е почната од нашата веб-страница, Treebanks добива процент кој го инвестира во садење дрвја. Креативноста во овој модел за добивање средства е што е бесплатен за нашите поддржувачи. Без пари секој што патува може да придонесе за засадување дрвја во Македонија - додава Михаил.
Садењето дрвја низ земјава е огромна инвестиција на долг рок, но пошумувачкиот тим Treebanks има цел да достигне одржливост и годишно да засадува по околу 100.000 дрвја во Македонија.
- Нашата визија е на долг рок да стигнеме до милион засадени дрвја во Македонија. Локациите за садење ги одредуваме во координација со комуналните јавни претпријатија на Македонија. Со помош на нашите поддржувачи во 2020 засадивме 4.350 дрвца. Имавме план да стигнеме до 10.000 дрвца, но тие планови ќе ги реализираме во оваа година - вели Стевчев.
Михаел Стевчев
Пандемијата лани го ограничи движењето, но тие најдоа нови креативни
начини да садат дрвја и да ги охрабрат луѓето да донираат и да придонесат за здрава средина.
- Од самите почетоци на Treebanks, за да имаме стабилен раст на бројот на дрвја што треба да ги засадиме, направивме диверзификација како ќе обезбедуваме средства за садење дрвја. Ова е причината зошто ја воведовме нашата позната Treebanks-маичка. Подоцна, за да покажеме и можност на реупотребување на материјалите, направивме лампиони за чија изработка користевме стари врати. Поради пандемијата, активностите на Treebanks зазедоа различен тек од тоа што го планиравме. Со цел да имаме акции за садење, во 2020 г. повеќе работевме на продажбата на маичките како извор на приход за пошумување - објаснува Михаил.
Садењето дрвја е инвестиција во зелена иднина. Тоа е мото на овие ентузијасти, кои последниов период работат на омасовување на идејата дека секој вљубеник во природата може со еден клик да придонесе во борбата против енормното загадување во Македонија.
- Уште ја немаме постигнато масовноста што ја сакаме. Со цел да стигнеме до што е можно повеќе луѓе, ја направивме кампањата „За секое зачленување на нашиот е-билтен, ќе засадиме дрвце“. Кампањата почна од 11 ноември и имаме над 4.000 зачленувања. Кампањата сè уште е активна и вашите читатели можат слободно да се зачленат и да нè следат во нашата работа. Наша цел е кога луѓето ќе помислат на садење дрвја, првото нешто што ќе им падне на памет да биде садењето дрвја. Сакаме да бидеме успешна приказна во Македонија. Добро да ги документираме процесите за работа во рамка која подоцна ќе ја искористиме во друга држава и со тоа ќе го направиме Treebanks интернационален проект - ги раскажа плановите на Treebanks, основачот на проектот, Михаил Стевчев.