X
 10.06.2023 Наша тема

Пред екран минуваме од 3 до 6 часа во денот, најмногу на социјалните мрежи, покажа анкетата на Факултети.мк

Пред екран минуваме од 3 до 6 часа во денот, најмногу гледајќи што има на социјалните мрежи и си признаваме дека сме зависници од екран. Накратко, тоа се резултатите од анкетата што Факултети.мк ја направи за тоа што гледаат луѓето на екраните во слободно време.

Резултатите од анкетата покажуваат дека 31,8 отсто од испитаниците 3 до 6 часа од слободното време во денот го минуваат пред екран, што мораме да признаеме дека не е малку. 30,6 отсто одговориле дека пред екран трошат 1 до 3 часа дневно од слободното време, а високи 29,4 отсто на екраните трошат повеќе од 6 часа од слободното време. Само 8,2 отсто посветуваат помалку од 1 час на современата зависност.



Следствено на тоа, голем дел од нашите читатели, односно 52,9 отсто, си признаваат дека се зависници од екраните.



Во однос на тоа на што точно го трошат времето пред екран, 64,7 отсто одговориле дека тоа се социјалните мрежи. По нив следуваат платформите за филмови како „Нетфликс“ со 43,5 отсто, па информативните портали со 30,6%, читањето книги со 23,5%, телевизијата со 22,4% и на последно место со 17,6% се поткастите.

Ги запрашавме читателите и дали гледаат македонски телевизии и огромни 81,2 отсто ни дадоа негативен одговор, а само 18,8% одговорија потврдно.



Исто така, огромен процент, поточно 94,1 отсто од испитаниците сметаат дека содржините што ги нудат македонските национални телевизии не се добри.

На прашањето што сметаат дека им недостига, нашите читатели дадоа повеќе предлози. Тие сметаат дека се потребни повеќе детски, забавни, едукативни и документарни емисии, оригинална програма на македонски јазик, но и добри филмови и подобри презентери. Публиката смета дека треба да има и повеќе спорт и преноси на важни светски културни и спортски настани.

- Креативност за содржини кои се надвор од политичко-аналитички содржини, турски серии, реклами на секои 15 минути... - пишува еден испитаник.



Друг додава:

- Да се обрне внимание на квалитетот на програмата. Да се намалат турските серии, да се цензурира насилството, голотијата, да се воведе детска програма. Освен МТВ, нема ниту една телевизија што има детска емисија.

Негативен е впечатокот кај испитаниците и за македонските портали. Високи 87,1 отсто од нив сметаат дека содржините што се нудат на нив не се добри, а само 12,9 отсто ги оцениле позитивно.

- Сметам дека е добро да е задолжително за секоја статија да стои датум кога е објавена и од кое лице. И да е забрането насловите на статиите да бидат напишани со големи букви. Недостига квалитет на содржината, сѐ повеќе и повеќе има кликбејт наслови, порталите станаа толку токсични бидејќи се трудат да напишат пошокантни наслови и содржини за да привлечат повеќе публика. Исто така, загрижува големата појава на статии за животот на јавни (нефактор) личности, хокус-покус хороскоп и „ова (не) смеете да правите на овој хокус покус ден“ статии наместо едукативна тематика за подигнување на знаењето и свеста на општата јавност - пишува еден испитаник.



Читателите сакаат истражени новинарски статии и велат дека не сакаат трач-рубрики. Велат дека сакаат помалку бомбастични наслови и сензационализам, повеќе точни и интересни информации.

- Да намалат со вести од српската турбофолк естрада, жолта штампа и црна хроника, сепак сме Македонија - пишува еден испитаник.

На читателите им пречат и лошите преводи и велат дека треба да има содржини од кои нешто може да се дознае и научи, точни преводи, точна граматика и правопис.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема