X
 10.07.2024 Наука

Најугледните климатски експерти на ЕУ: „Подгответе се, се движиме кон најлошото сценарио“

Температурите меѓу јули 2023 и јуни 2024 година се највисоки досега, велат научниците и додаваат дека тоа создало опсег во текот на целата година во кој Земјата била за 1,64 степени потопла отколку во прединдустриското време.

Ова не значи дека светските лидери не ги исполнија своите ветувања дека ќе го спречат затоплувањето на планетата за 1,5 Целзиусов степен до крајот на векот, туку дека повеќе луѓе ќе бидат изложени на лоши временски услови поради таквата топлина. Исто така, постојаниот пораст на температурите над ова ниво го зголемува ризикот од катастрофални пресвртни точки.

Карло Буонтемпо, директор на службата за климатски промени „Коперник“, вели дека овие резултати не се статистичка грешка, туку голема и континуирана промена на климата.

- Дури и оваа конкретна серија на крајности да заврши во одреден момент, сигурно ќе има нови соборени рекорди. Ова е неизбежно ако не престанеме да испуштаме стакленички гасови во атмосферата и во океаните - вели тој.

„Коперник“ откри дека јуни оваа година е потопол од кој било друг јуни досега, а исто така беше и 12. месец по ред со температури за 1,5 Целзиусов степен повисоки од просекот помеѓу 1850 и 1900 година.

- Ова не е добра вест. Знаеме дека екстремните настани се зголемуваат со секој чекор на глобалното затоплување и бевме сведоци на некои од најжешките екстреми оваа година - изјави Адити Мукерџи, директорка на истражувачкиот институт ЦГИАР.

Некои екосистеми се поранливи од другите. Утврдено е дека затоплувањето од 1,5 Целзиусов степен ќе уништи 70-90 отсто од тропските корални гребени, а затоплувањето од 2 степени речиси ќе ги избрише.

Експертите очекуваат до 2100 година планетата да се загрее најмалку 2,5 степени, додека околу половина од научниците очекуваат температури над 3 степени. Тие го споредуваат затоплувањето од еден степен со блага температура и затоплувањето од 1,5 степен со средна до висока температура кај човекот.

- Сега замислете човечкото тело да функционира со таа температура со години. Дали таа личност ќе може да функционира нормално? Токму тоа е нашата Земја во моментот - посочуваат тие.

Дури и да се случи најдобро сценарио, луѓето треба да се подготват и да планираат дека ќе живеат во потопол свет, додаваат тие.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука