X
 11.05.2020 Наша тема

Квалификациони тестови за упис во „Орце Николов“? Директорот предлага како сите ученици да добијат фер шанса

Што е со оние ученици кои поради една 4-ка немаа ни можност за квалификациски тест, а можеби токму во некој од нив лежи новиот првенец на година, генерација?

Сите имаат просек 5,00, но училиштето не прима толку ученици во прва година. Стресови со денови, „дали ќе ме примат?“ Родителите кампуваат во дворот на училиштето, телефоните се прегреани. Училиштето донесува одлука според пропозициите во конкурсот - ќе се полагаат квалификациони испити. Револт, бунт. „Зошто само нашите деца да полагаат, не беа спремни за ова!“ Едни се откажуваат, други вршат притисок. Стигнуваат до министерот за образование и наука. Проблемот е решен - сите ученици се примени. Револт кај наставниците - дали знаете што значи училница со 40 средношколци?

Митко Димовски

Ова накусо се случуваше лани во скопската гимназија „Орце Николов“. Напливот на скроз одлични ученици се повторува веќе неколку години. Директорот на училиштето, Митко Димовски, и лани апелираше институциите да најдат трајно решение за овој проблем. Планирал активна медиумска кампања за да се сврти вниманието кон оваа појава, но се случи пандемијата, вонредната ситуација и префрлањето на образовниот процес од училиштата во домовите.

Средните училишта веќе ги објавуваат конкурсите за уписи во учебната 2020/2021 година. Во прва година во „Орце Николов“ годинава (како и лани) предвидено е да се запишат 285 ученици во 9 паралелки.

Масовноста на оваа појава во последните години Димовски ја објаснува со нереалниот просек од 5,00.
- Наставниците често пати се ставени во незавидна ситуација – „стави 5“ иако е незаслужена бидејќи условот за учениците да се запишат во „посилните“ гимназии е успехот 5,00. Живееме во време во кое бројките играат главна улога во животот на луѓето, па дури и кога се работи за упис во училиште занемарувајќи некои основни вредности како љубов, емпатија, почит, воспитание, култура и сл. - вели Димовски.

Колку одлични го задржуваат просекот од 5,00

Според него, статистиката во изминатите неколку години вели дека од 100% од запишаните ученици во прва година со просек 5,00, сепак, на крајот од годината само 20-30% завршуваат со сите петки. Ова е доволно за да се заклучи дека просекот е нереален.

- Повеќе од очигледно е дека треба нешто да се промени. За почеток, добро би било доколку повторно дојде до прекумерен број на пријавени ученици, Бирото за развој на образованието да има навреме подготвено квалификациони тестови согласно конкурсот за упис, за да не се доведуваме во ситуација каква што беше овие неколку години - вели Димовски.



Повеќе од 400 ученици лани сакаа да се запишат во „Орце Николов“ за предвидените 285 места. Стотина од нив веднаш се премислиле откако им било кажано дека има премногу пријави со сите петки и немаат никаква шанса ако имале една четворка во основно образование. Се откажале и неколку скроз одлични основци кои не влегле на списокот. Раководството на школото прво одлучи сите кандидати (освен оние со дипломи од државни натпревари) да полагаат приемни испити (според пропозициите во конкурсот). Но, по притисокот од родителите и состанокот со министерот за образование и наука, се донесе одлука сите останати ученици да се распоредат во постојните класови. Вкупно 311 кандидати беа прераспределени во предвидените 9 паралелки (26 ученици повеќе од предвидениот број).

- Очигледно проблемот се повторува, но ова секако не е решение. Што е со оние ученици кои поради една 4-ка немаа ни можност за квалификациски тест, а можеби токму во некој од нив лежи новиот првенец на година, генерација? Ова може да се реши само доколку се врати приемен испит, тест за упис во средно, како што беше некогаш. Иако нема да биде популистички прифатено и ќе наиде на негодувања, ќе биде еднаква можност за „борба“. На тој начин мислам дека наставниците ќе бидат поспокојни, дека не „оштетиле“ некој ученик така што најверојатно би добиле една пореална и порелаксирана слика со оценките. Се надевам дека оваа година БРО и МОН нема да остават да има прекумерен број ученици, туку сите задно ќе бидеме спремни успешно да го спроведеме уписот - вели Димовски.

Да ја засилиме човечноста

Македонија со години мака мачи со нереално оценети ученици, наплив од одлични. На прашањето како да се надмине проблемот, имаме ли капацитет да воспоставиме систем кој реално ќе ги вреднува вештините и постигнувањата на учениците, Димовски објаснува со интересен пример на наставник од соседните држави кој на социјалните мрежи го опишал работниот ден на еден наставник. Застанете пред ТВ и пуштете го гласот до половина и зборувајте 45 минути додека тој работи, направете пауза од 5 минути, па попуштете го уште малку во наредните 45 минути додека зборувате. И така 5-6 пати, секој работен ден.



Од одбележувањето на јубилејот пред пет години

Димовски објаснува дека во гимназијата има класови со по 34 ученици, обемен материјал, усно, писмено оценување, тестови, проектни активности и сл. Од една страна се наставниците (со 5-6 класа) со околу 200 ученици кои треба реално да бидат оценети. Од другата страна се учениците, преоптоварени со 13-14 предмети и материјал кој мораат да го совладаат за да ги добијат заслужените оценки.

- Да го намалиме телевизорот и да ја засилиме човечноста. Да се сослушаме едни со други и да се обидеме да ги препознаеме проблемите за да може да си помогнеме.
Образованието е еден од најважните столбови на заедницата и општеството. Круцијална е потребата да се спроведе квалитетна реформска програма во насока на воспитување и едукација која ќе даде среќни и успешни ученици/студенти, свесни за нивните вредности и способности, знаења и вештини кои младите треба да ги поседуваат, интегрирајќи три клучни фактори - битие, знаење и знаење како да прави - вели Димовски.

Уписи во време на пандемија


Тој додава дека особено треба да се обрне внимание на неформалното образование, кое е сѐ поактуелно, каде што стекнувањето на знаењето го добиваат многу свесно. Притоа ученикот постигнува специфична цел за учење преку разни курсеви и организации, каде што младите се стекнуваат со сертификати кои им овозможуваат во иднина да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. Тоа би било причина плус неформалното образование да биде дел од формалното за стекнување нови вештини кои нема да бидат валоризирани со бројка, туку со знаење.



Димовски вели дека засега немаат информација како во вонредни околности ќе се спроведуваат уписите во средните училишта. Сепак, верува дека дел од мерките што се спроведуваат сега би се применувале и на 16 и 17 јуни - носење заштитни маски, групирање на не повеќе од двајца при влез во училиштето.

- Тоа секако ќе го забави процесот. Еден од предлозите што би можеле да ги примениме е пријавите за упис да се прикачат на официјалната веб-страница на училиштето со соодветно објаснување како правилно да се пополни. Секој индивидуално ќе може да ја преземе и заедно со другите потребни документи ќе ја донесе на денот на уписот. Така би се намалил метежот пред и во училиштето, а со тоа и самиот процес ќе се одвива порелаксирано. Секако, ова е само предлог кој најверојатно треба да се одобри од страна на МОН за да се спроведе бидејќи се работи за официјален документ - вели Димовски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема