По една и пол година учење онлајн од дома, средношколците денеска се вратија во училишните клупи
Факултети.мк го посети средното училиште „Орце Николов“ во Скопје, каде што некаде по 9 часот беше предвидено да влезат учениците од прва и трета година.
Оваа година таму ќе учат околу 1.200 ученици од прва до четврта година. Само во прва година се запишале 285 ученици.
Учениците стоеја пред училиштето, поделени во групи по четири-пет, разменувајќи вообичаени шеги.
Се упатија кон влезот, каде што влегуваа еден зад друг. Со маски на лицата, прво им се вршеше дезинфекција на рацете и на обувките и им се мереше температура. Потоа се упатија кон училниците.
Велат дека најмногу им недостигало дружењето со соучениците.
- Иако комунициравме преку социјалните мрежи, но и се дружевме во вечерните часови, особено во летниот период, сепак, на училиште е поинаку. Тоа ни недостигаше. Исто е и со комуникацијата со професорите. Личниот контакт не може да го замени ништо - вели ученик од трета година.
Неговиот соученик се надева дека ќе се почитуваат мерките и дека нема да има кластери по класовите.
- Се надевам дека за еден месец нема повторно да учиме онлајн од дома - кусо одговори ученик од прва година.
Според надлежните од училиштето, наставата ќе се одвива според протоколите што ги објави Министерството за образование и наука, а ги подготви Комисијата за заразни болести.
- Учениците се поделени на двата ката. Во една смена одат ученици од прва и трета година, а во другата смена се тие од втора и четврта. Тоа е со цел да нема генерациско мешање на учениците. Тие од прва година ќе учат во училниците на долниот кат. Нема да има кабинетска настава за да нема движење по ходниците и по катовите - објаснуваат од раководството на училиштето.
Очекуваат дека мерките ќе дадат резултат и дека учебната година ќе се реализира во најдобар ред, според протоколите за заштита од ковид-19.
Александар Сибиновски, директор на средното стручно училиште „Владо Тасевски“, вели дека учениците се среќни што се враќаат во училиште.
-За нас не е нова наставата со физичко присуство. Ние и минатата година организиравме пракса во училиштето со физичко присуство. Половина од учениците доаѓаа лани, така што протоколите ни се комплетно јасни. Ќе се внимава на сè. Можеше да се забележи денеска дека децата беа среќни, по однесувањето се гледаше дека им недостигало училиштето. Сепак, нивното место е во училишните клупи. Отсуства не забележавме. Инаку, овде учат вкупно 1.100 ученици –рече директорот.