X
 11.11.2021 Живот

Студентките Зухејра Османи и Манушаче Бектеши се второнаградени на архитектонски конкурс во Братислава

Две студентки од Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС (Универзитетот Американ колеџ – Скопје) се добитнички на втора награда на онлајн меѓународниот студентски архитектонски конкурс Инспирели (INSPIRELI, www.inspireli.com) за изработка на архитектонски проект за студентски кампус на STU во Братислава, Словачка. Во конкуренција од 180 проекти, постдипломците Манушаче Бектеши и Зухејра Османи од Факултетот за архитектура и дизајн ја добија наградата за проектот „Платформ плус“, изработен под менторство на проф. Виолета Бакалчев, проф. Тони Васиќ и асистент Нина Карангелеска.

Тие не го кријат своето воодушевување од наградата и велат дека натпреварот бил голем предизвик. Зухејра Османи вели: „Самата помисла дека се натпреваруваме со архитекти од целиот свет нѐ воодушеви, но дека ќе добиеме 2. место, тоа не можевме да го замислиме. Кога го слушнавме жирито, не можевме да веруваме што се случува. Многу сум радосна. Горда сум што успеавме да го направиме проектот.“


Зухејра Османи

За Манушаче Бектеши, освоеното 2. место на еден толку важен светски натпревар значи мотивација и ѝ ја зголемува самодовербата. „Тоа е признание за добро завршената работа, сомнежот во себе и напорната работа што ја вложивме. Секако, човекот никогаш не е задоволен и бара сѐ повеќе и повеќе, но, без сомнение, ова ќе биде нешто со што ќе се гордееме и мислам дека ќе ни отвори нови патишта и секако ќе продолжиме со работа“, вели таа.

Инаку, целта на натпреварот била да се добијат идеи за репрезентативен студентски центар во Братислава, кој требало да го вклучи иновативниот научен центар, да биде образовен, социјален, повеќенаменски простор, како и да има и простори за одмор. Проектот имал две фази: зачувување на постојниот објект, значи реконструкција на лабораторијата, и проектирање нов објект. Како што објаснуваат - тоа е нова зграда која се поврзува со постојната лабораторија. Беше неопходно да се зајакне постојната врска со главните јавни простории на факултетските згради. Османи објаснува дека проектот со кој учествувале требало да биде студентски центар за околните универзитети.
- Нашиот главен концепт беше да ги направиме сите простори потребни за студентите, затоа проектот е наречен „Платформа плус“. Сакавме да биде отворено, релаксирачко, забавно место за студентите, професорите и другите, додавајќи нова зграда до постојната лабораторија и поврзувајќи ги едни со други – вели таа.


Манушаче Бектеши
За тоа како ја гледа архитектурата во иднина, Бектеши вели дека човештвото во моментов се соочува со големи закани, вклучувајќи ги климатските промени и ограничените природни ресурси. Архитектите мора да ги имаат предвид овие предизвици и да дојдат до подобри решенија, смета таа и додава дека еден начин е преку одржлива архитектура.
- Друг начин се идните градови. Тие се паметни градови и функционираат како еден екосистем управуван од big data. Ако зборуваме за нови алатки и техники, вештачката интелигенција, роботиката, 3Д-ечатењето, big data и виртуелната реалност се само дел од новите алатки на кои архитектите можат да сметаат за да го променат начинот на кој размислуваат, дизајнираат и градат градови на иднината – вели таа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот