Институтот „Практикум“ настана како резултат на желбата да се направи одредена промена на образовниот пазар на Република Македонија
Институтот „Практикум“ е нов едукативен центар со основна цел да овозможи образование за стекнување практични вештини. Образовните програми на овој Институт се дизајнирани на начин кој овозможува разбирање на суштината на материјата што се обработува, а каде што е соодветно опфаќаат и техничка обука за примена на одреден софтвер или користење одредена апликација, преку што по завршувањето на курсот/обуката кандидатите се оспособени за практична примена на стекнатото знаење. Едукацијата се врши на софтвер од отворен тип, кој може да се користи без надомест и по завршетокот на курсот/обуката.
За основањето и работата на Институтот „Практикум“, разговаравме со д-р Весна Мицајкова, основач и директор.
д-р Весна Мицајкова
Како се роди идејата за Институтот „Практикум“?
- Институтот „Практикум“ настана како резултат на желбата да се направи одредена промена на образовниот пазар на Република Македонија.
Во услови на масовна дигитализација, неопходна е и дигитална трансформација на образованието. Просветните работници треба да станат свесни за корисноста од техничката обука за користење одредена компјутерска програма или апликација во процесот на совладување на одредена материја. Неопходно е да ја комбинираме теоријата со практичната апликација на стекнатото знаење, зашто науката треба да биде во функција на праксата.
Масовната дигитализација, од друга страна, создаде цела армија на професионалци чија работа се сведува на внес на податоци, без да имаат познавање на суштината на материјата. Сѐ уште неприспособениот образовен систем кон технолошките промени, а и масовната комерцијализација во образованието го уништи кредибилитетот на добиените дипломи и сертификати. Сето тоа го стави бизнис-секторот во незавидна позиција во процесот на селекција на кадри. Мисијата на Институтот „Практикум“, меѓу другото, е да издава сертификати кои ќе имаат кредибилитет кај бизнис-секторот, односно работодавците ќе бидат сигурни дека лицето што го добило тој сертификат навистина располага со тие вештини.
Од која област се образовните програми што ги нуди овој Институт?
- Главен акцент имаме ставено на образовните програми од областа на сметководството и финансискиот менаџмент, во кој домен е и мојата тесна специјализација. Од овие образовни програми би сакала да ја издвојам, како поголем проект на нашата институција,
обуката за финансиски аналитичар со која стартувавме од септември. Во развиениот свет финансискиот аналитичар е престижно и многу барано занимање. Финансискиот аналитичар е обучен и за макро и за микрофинансиска анализа. Лицата со ова занимање мора да ги познаваат финансиските пазари, да имаат вештини за оцена на инвестициски проекти и управување со хартии од вредност, а на микрониво да имаат познавања од финансиското сметководство и финансиските извештаи, да знаат да вршат анализа на финансиското работење на едно претпријатие, да изработуваат финансиски прогнози и финансиски планови.
Првичната замисла беше да направиме комплетна обука за професијата финансиски аналитичар по примерот на сертифицираните обуки на развиените пазари. Но, согледувајќи ги состојбата и потребите на нашиот пазар, се решивме за скратена обука за финансиска анализа на ниво на претпријатие, која ќе се состои од
курс за сметководство, чии познавања се основа за финансиско анализирање,
курс за анализа на финансиските извештаи и
курс за финансиско планирање и предвидување. Овие три курса ги надополнивме и со
курс за Excel за финансиска анализа бидејќи програмата Excel е една од најмоќните и најкористени алатки за вршење пресметки, изработка на извештаи, графичка презентација и анализа на податоци. Познавање на програмата Excel значително ги подобрува перформансите на секој финансиски аналитичар.
Секое претпријатие може да има бенефит од финансиската анализа и планирање. Со овие активности претпријатијата си овозможуваат максимални шанси за деловен успех. Анализата на побарувачката на пазарот на трудот на Република Македонија укажува на сè поголема побарувачка за овој тип кадри, особено од страна на претпријатијата со странски капитал. Од друга страна, понудата на кадри со овие вештини е релативно мала, па овој вид обуки се нешто што е навистина потребно.
Обуката за финансиски аналитичар на Институтот „Практикум“ се реализира во 52 часа, а новата група почнува на 21 јануари наредната година. Уписите се отворени, а сите заинтересирани повеќе информации во однос на оваа обука може да најдат
ТУКА.
Од образовните програми би сакала да го издвојам и
курсот за статистичка анализа на податоци. Тој курс опфаќа теоретска обука за статистичка анализа на податоци и техничка обука за користење компјутерска програма за анализа на податоците. Се применува компјутерската програма PSPP, која е бесплатен софтвер, изработен по примерот на најчесто користениот софтвер за статистичка анализа SPSS на IBM корпорацијата. Овој курс настана како плод на моите напори како истражувач да создадам детално разработено упатство за методологијата за статистичка анализа на податоците во процесот на барање одговор на различни истражувачки прашања. Курсот за анализа на податоци им го препорачувам на сите истражувачи кои лутаат во процес на совладување на оваа материја. Особено сакам да укажам и дека основна цел на статистичките анализи е нивна примена во праксата за подобрување на процесите и стекнатите знаења и вештини од овој курс треба да ги зголемат конкурентните предности на пазарот на трудот на сите оние што работат со бази на податоци (маркетинг-аналитичари, финансиски аналитичари, специјалисти за човечки ресурси...) бидејќи секое претпријатие треба да знае дека анализата на податоците е потребна за подобрување на перформансите на работењето.
Покрај офлајн-курсевите, Институтот „Практикум“ има создадено и портал за онлајн-учење. Какви курсеви се нудат преку тој портал и за кого се наменети?
Најкарактеристична форма на дигитализацијата во образованието е електронското учење. Институтот „Практикум“ има изградено веб-портал за онлајн-курсеви во настојување за зголемување на можностите на Македонците да следат онлајн-курсеви на мајчин јазик.
Досега имаме пласирано два курса од областа на сметководството:
курс за компјутерско водење финансиско сметководство и
курс за компјутерско водење материјално сметководство. Двата курса, покрај теоретска обука, вклучуваат и обука за користење бесплатна компјутерска програма за водење сметководство. Ги препорачувам за сите што сакаат да го научат сметководството, за сите претприемачи за да ја разберат финансиската структура на работењето, а особено за малите претпријатија кои користат надворешни сметководствени услуги, а внатрешната евиденција ја вршат рачно. Овие курсеви би им помогнале на сите мали бизниси, без дополнителни значајни трошоци, да ги зголемат прегледноста и точноста на интерната сметководствена евиденција.
Институтот „Практикум“ има подготвено и онлајн-курсеви од доменот на дигиталниот маркетинг, кои го покриваат
фејсбук-рекламирањето,
e-mail маркетингот и изработката на
веб-страница. Дигиталната трансформација на секој бизнис е неопходност, а дигиталниот маркетинг е доминантен облик на маркетинг, за чија реализација се потребни технички вештини за користење одредени апликации, односно платформи. Јас, како претприемач и сопственик на бизнис, се соочив со потребата да стекнам вештини од оваа област.
Самостојното совладување на тие вештини не беше едноставно и затоа преку овие курсеви сакам да им овозможам лесно совладување на техничките вештини за дигитален маркетинг на сите оние што имаат потреба од тоа, а сакаат да ги избегнат трошоците и, за жал, често пати се јавуваат неквалитетот и непрофесионалноста при користење надворешни услуги. Со онлајн-обуките за дигитален маркетинг на Институтот „Практикум“ секој мал бизнис може да си дозволи вклучување во глобалните процеси на дигитализација.
Предностите на електронското учење се многубројни, но македонското население сè уште има недоверба кон овој вид учење. Всушност, за жал, Македонците имаат генерално недоверба во образовните програми што се нудат на образовниот пазар. За надминувањето на овие проблеми, Институтот „Практикум“, покрај ценовните попусти, за одредени курсеви/обуки нуди и гаранција за враќање на парите, доколку учесниците сметаат дека основната цел на курсот не била исполнета.
И за крај, какво е Вашето мислење за сегашната состојба на образованието во Република Македонија и какви промени мислите дека ќе претрпи овој сектор во иднината?
- Со моето искуство и во реалниот и во образовниот сектор и поминатиот пат низ сите скалила во образовниот систем во нашата држава, сметам дека сегашната состојба во образовниот сектор во Република Македонија е неодржлива. Очекувам и се надевам на позитивни промени во иднина, преку враќање кон вистинскиот систем на вредности, напуштање на комерцијализацијата, чиј замав во овој сектор нанесува сериозни последици врз целото општество, и конечна ориентација на науката кон потребите на реалниот сектор. Верувам дека просветните работници ќе се ориентираат кон својата основна функција на просветување, а креаторите на политиката ќе обрнат посебно внимание во процесот на селекција на кадрите што ќе ги образоваат, бидејќи квалитетното образование е неопходен предуслов за успешно општество.
Повеќе информации за Институтот „Практикум“ и неговите останати активности може да најдете на неговата веб-страница:
www.casoviposmetkovodstvo.mk.
(комерцијална објава)