Македонија со години има највисока смртност на новороденчиња во Европа, што е поразителен факт. Јас само ги преточив во говор реалноста на нашите родилки и статистичките податоци. Сакав јавно да искажам револт и да го искритикувам тоа што не е во ред
Младите се водечка сила во едно општество и како такви треба да се двигатели на промените што сакаат да ги видат во својата држава. Не мислам дека тие не се свесни и дека се индиферентни кон проблемите, но верувам дека со оглед на нашето опкружување и сите политички случувања, се песимисти во однос на тоа дека нивните зборови ќе бидат слушнати и дека ќе променат нешто. Оттука доаѓа и впечатокот дека младите се плашат гласно да го кажат своето мислење – вели Теодора Новеска, најдобрата говорничка на последната Ораторска вечер што ја организира Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Таа настапи со говор на темата какво е македонското здравство, кој привлече големо внимание. Таа е студентка во трета година на Факултетот по новинарство и односи со јавноста.
Со младата штипјанка поразговаравме за говорништвото, за желбата гласно да се каже мислењето за важни теми.
Што претставува ораторството за тебе?
- Ораторството е, пред сѐ, можност на еден аргументиран, разбирлив и понекогаш провокативен начин јавно да ги искажам своите ставови, со надеж дека ќе бидат слушнати. Секако, умешноста на јавното говорење ја сметам како неопходна потреба на сите оние што на кој било начин треба да ги претстават своите ставови пред поширок аудиториум, односно на сите оние што се занимаваат со јавни професии. Сметам дека ова е начин да се дадат конструктивни критики, но и пофалби и јасни пораки за промена на она што сметаме дека е погрешно, а може да се промени.
Учествуваше и лани и годинава. Каков е интересот за оваа манифестација на твојот универзитет? Може ли да учествува и студент од друг универзитет?
- Ораторските вечери на Универзитетот се организираат по осми пат од страна на клубот на оратори „Ростра Ветера“ при Правниот факултет. Јас учествував и лани во категоријата слободни говори со тема за она што е најважно во Штип, текстилните работнички и нивните права. За разлика од лани, кога имаше три категории говори: историски говори, говор на омраза и слободни говори, годинава ја имаше само категоријата слободни говори бидејќи е најомилена меѓу студентите и е можност да зборуваат за она што лично им е важно. Низ годините постои голем интерес од студентите за учество, пред сѐ, од студентите на Правниот факултет, но секако можноста за учество не е ограничена, туку отворена за сите студенти на Универзитетот. Годинава имаше учесници од Медицинскиот, Економскиот и од Филолошкиот факултет.
Се мислеше ли многу за изборот на темата?
- Јас се сметам за поборник на правата на сиромашните и маргинализираните. За жал, правото и пристапот до здравствена заштита на голем дел од населението се ограничени од многу фактори. Она што ме поттикна да зборувам на оваа тема е тоа што последниве години сѐ почесто слушаме за трагични настани во нашето здравство. Македонија со години има највисока смртност на новороденчиња во Европа, што, за мене, е поразителен факт. Јас само ги преточив во говор реалноста на нашите родилки и статистичките податоци. Сакав јавно да искажам револт и да го искритикувам тоа што не е во ред. Во државава имаме само 140 матични гинеколози, а една третина од нив се во главниот град. Државата треба да знае дека многу жени немаат можности и пристап до гинеколог и треба да го реши овој проблем. Особено е важно да се информираат жените, да бидат свесни дека мора да имаат пристап до гинеколог и дека не треба да плаќаат за прегледи што се законски предвидени како бесплатни. Сметам дека „ударот“ врз наталитетот е најсилен удар врз иднината на нашата држава.
Теодора Новеска
Од кого најмногу учиш за ораторството?
- Умешноста за зборување верувам дека потекнува од семејството бидејќи моите родители секогаш настојуваа на убаво зборување и аргументирање на каков било проблем. Како што растев, сфаќав дека говорништвото е мошне важно и секојдневно се уверувам во тоа. На Правниот факултет имам можност да учам од прекрасни професори. Пред сѐ, сакам да им се заблагодарам на професорот Димитар Апасиев и на асистентката Елена Иванова, кои неизмерно ги почитувам бидејќи неуморно работат со нас, ораторите, ни укажуваат на грешките и се трудат да станеме најдобрата верзија од себеси.
Студираш новинарство. Што те привлекува кај оваа професија и каде се гледаш себеси по студиите?
- Мене отсекогаш ме фасцинираа медиумите и самиот пренос на информации. Како што растев, сфаќав дека реалноста не секогаш е онаква каква што ја слушаме и каква што ни е прикажана. Мислам дека тоа е и причината поради која се запишав на овој факултет. Сакам сите да имаат можност да ги добијат информациите онакви како што навистина се, а сами да изградат мислење, не тоа да им биде наметнато и сервирано. Желба ми е да го дадам својот максимум во истражувачкото новинарство, но исто така ме привлекува и политиката и посакувам односите со јавноста да го најдат вистинското место во политиката кај нас.