X
 14.08.2018 Живот

Како „хормонот на љубовта“ нѐ прави попозитивни, подруштвени, па дури и порелигиозни?

Oкситоцинот, „хормонот на љубовта“ што го произведуваме главно за време на сексот, е поврзан и со духовноста, па дури и побожноста, се вели во ново истражување објавено на порталот „Сај блог“.

Раководителот на студијата, д-р Пати ван Капелен, смета дека мажите што се здобиле со вообичаената доза окситоцин имаат посилни и поизразени духовни чувства и состојби дури една седмица потоа.

- Окситоцинот е невротрансмитер кој човечкиот организам го лачи при секс, но и при бакнеж или прегратка со саканата личност, на пример. И претходни истражувања го поврзуваат овој хормон со засилувањето на алтруизмот, интензивирањето на меѓучовечките и друштвени односи и други слични појави. Тој го има ефектот на медитацијата, која исто така придонесува за подобро здравје и благосостојба - вели д-р Ван Капелен.

Според него, окситоцинот е еден од биолошките фактори што можат да ги интензивираат и духовните размисли.

Мажите што учествувале во испитувањето минале низ насочена медитација. По сеансата, оние што создале доволно окситоцин биле поподготвени на тоа да се согласат со тврдења од типот: „Сè што е живо е меѓусебно поврзано“, „Има повисоко ниво на свест и духовност што ги поврзува луѓето“ итн. Интересно е што истите луѓе биле и посклони кон чувствата на надеж, љубов, благодарност и спокој.

- Духовноста е сложена и зависи од многу фактори... А окситоцинот дефинитивно влијае врз тоа како го гледаме светот и во што веруваме - додава Ван Капелен.

Извор:МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот