X
 10.04.2019 Образование

Колумна: Кoлапс на воспитната функција во нашите училишта!


Воспитната функција во нашите (основни и средни) училишта е во длабока криза веќе подолго време. Не е ништо подобра состојбата и со образовната компонента, која во најголема мера се сведува на репродукциско знаење, кое не дава можност знаењето да има применлива функција. Но, за ова во некоја друга пригода

Веќе подолго време во нашите училишта изразено се нагласува и во степен се фаворизира исклучиво само стекнувањето на знаењата, односно образовната компонента, а воспитната е ставена на маргините. Од таа причина, голем број од наставниците својот повик го сфаќаат многу еднострано, во смисла дека пренесувањето и утврдувањето на знаењата претставува најважната и единствена задача на училиштето. Наставниците многу малку или воопшто не посветуваат внимание на други аспекти, кои се многу позначајни за правилно формирање на детската личност, како што се: формирање хумани и со морален кредибилитет личности, односно развивање механизми на групен живот и работа, социјалното однесување, формирање работни навики, формирање култура на живеење (здрав животен стил), а од особено значење се и развивањето вредности и градењето сопствени ставови, поттикнување на критичкото мислење.

Ако направиме мала рекапитулација на тоа како почна воспитната криза, тогаш доаѓаме до констатација дека состојбата со падот на воспитната функција во училиштата постепено почна од 90-тите години наваму, во периодот на транзиција, па сѐ до денес. Севкупните промени во општеството, особено рушењето на вредносниот систем, доведоа до големи промени во семејството. Така, некогашното стабилно, традиционално семејство кое успешно воспитуваше, се најде пред тешки предизвици, на кои тешко може успешно да одговори. Имено, евидентно е дека родителите сѐ потешко се справуваат со однесувањето на своите деца и сѐ потешко ја остваруваат воспитната функција, а уште повеќе, имаат сѐ помалку време за своите деца поради секојдневната грижа за задоволување на егзистенцијалните потреби, од една страна, а од друга страна е трката за поголем профит.



Префрлањето на воспитната улога од страна на семејството кон училиштето предизвика потреби од сериозни промени во воспитно-образовната институција - училиште. Но, нашето училиште не беше подготвено успешно да се справи со промените во општеството и со потребите на ученикот.
Прашањето за воспитната функција и нејзиното маргинализирање е сѐ поактуелно, како што се сѐ почести и инцидентите во училиштата, а и зачестените насилства и тепачки меѓу учениците, несоодветни однесувања, нетолеранцијата, меѓусебните навреди, како и навреди упатени кон наставниците, зголемената агресивност, врсничкото насилство, уништувањето на школскиот инвентар, а за пороците од типот на дрога, пушење, алкохол, да не зборуваме.

Сите овие работи укажуваат на потребата училиштето да почне да посветува многу повеќе време на воспитното влијание врз учениците, а не само да пренесува знаење. Во време кога семејството сѐ помалку е во позиција успешно да ја остварува воспитната функција, училиштето, односно наставниците треба да ја преземат одговорноста во тој поглед. Доколку имаме квалитетно образование, ќе имаме и поквалитетно воспитание. За жал, и едното и другото се на многу ниско ниво, за што алармот е веќе одамна вклучен.

Предимензионирањето на образовната компонента стана реалност во денешно време. Занемарувањето на воспитната функција е уште поголема реалност во нашиот воспитно-образовен систем. Оправдувањата на наставниците за таквата состојба се сведуваат на ставот дека наставните програми се преобемни, па како такви наставниците се жалат дека имаат голем материјал за реализирање, па оттука не останува време за воспитната функција. Секако дека таквиот став е сосема неоснован, погрешен и многу штетен, затоа што од нив зависи и квалитетот на образованието и компетенциите што ќе ги стекнат младите. А компетенциите не подразбираат само знаења, туку и вештини, а пред сѐ изградени ставови и вредности, кои подразбираат развивање кај младите: свест за припадност на колективот, групата, односно заедницата, ненасилство, емпатија, покажување интерес за др. и нивно почитување, подготвеност за надминување на стереотипите и предрасудите, осетливост за културните разлики (културна сензитивност), подготвеност за компромис, толеранција, солидарност, позитивно прифаќање на учењето како целоживотно учење, отворен став, приспособливост, љубопитност и критичко поимање на нештата, развивање свест за одржлив развој и др.

И сето погоре наведено не може да се стекне преку дефиниции и убаво напишани програми, доколку суштински не се реализира. А тоа подразбира вежбање и практикување на вредностите. Емпатијата може да се научи со вежбање. Впрочем, многу развиени земји, особено скандинавските, од 7 до 16 год. ги користат класните часови (кои можат да траат и до 60 мин.) за да практикуваат емпатиско комуницирање, што во наједноставна форма кажано претставува соживување со другиот. Емпатијата, како и другите вредности кај учениците, можат единствено да се развијат низ организирани форми на дејствување во училиштето, низ практични ситуации, со вежбање и практикување реални ситуации.

Информацијата во медиумите дека во нашите училишта постои програма за ненасилство, иако насилството секојдневно е во пораст, покажува дека на хартија може да постои сѐ, но доколку тоа не се реализира, тогаш се сведува на нула. Значи, како воопшто да нема. Ако анализираме една програма за воспитна функција во едно основно училиште, може да се забележи дека целокупната активност во воспитен поглед е уредно испланирана преку разновидни форми. Значи, формата постои, содржините со извесно дополнување можат да се сметаат за солидни, но сепак нешто не функционира. Каде е проблемот? Очигледно, проблемот е во суштинската реализација. Значи, не е доволно нешто само формално да се испланира, туку најважна е самата реализација, односно остварувањата на програмата за воспитно дејствување.

Во нашите училишта воннаставни активности веќе одамна нема, додека пак во развиените европски земји, како Шведска, Франција, Германија, Англија и др., завршувањето на редовната настава не значи дека завршува и работниот ден во училиштето. Напротив, учениците имаат можност да избираат најразновидни воннаставни активности според нивните желби и интереси, а за успешната реализација се грижат аниматори на слободното време на децата. Зошто тоа да не може да се прави и во нашите училишта? Има многу млади луѓе, па дури и студенти од завршните години кои на тој начин добиваат можност да ја остварат својата практична активност, кои можат да бидат добри аниматори, и како помошници на наставниците да помогнат во развивањето на креативните способности на учениците, а пред сè во функционалното користење на слободното време.

За да се надмине ваквата исклучиво неповолна ситуација во нашите училишта, сугерираме Министерството за образование и наука, во соработка Бирото за развој на образование, педагошките факултети во државата и др. факултети што образоваат наставници, да започне АКЦИЈА за охрабрување на наставниците во поглед на воспитната функција, со акцент таа да почне квалитетно да се реализира. Наставниците треба да добијат соодветна обука во текот на нивното иницијално образование, но и понатаму преку разновидните форми на стручен и професионален континуиран развој за успешно воспитно дејствување. Современото општество бара современ наставник кој колку што успешно ќе образова, исто толку успешно и ќе воспитува. За доброто на младите генерации. Вака не може да се продолжи.


Автор: проф. д-р Розалина Попова-Коскарова
Педагошки факултет-Скопје, УКИМ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование