X
 28.07.2022 Наша тема

24-годишната Ана Јанева е докторанд на ЛМУ и „Хелмхолц“ во Минхен: „Истражувам како да добиеме матични клетки за регенеративна медицина и третман на болести“

Ана Јанева од Скопје на само 24 години е докторанд и ја истражува врската меѓу епигенетиката и матичните клетки на Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ (ЛМУ) и Центарот „Хелмхолц“ во Минхен.

Од скопската гимназија „Георги Димитров“, Ана стасала до стипендии за додипломски и постдипломски студии на најдобрите универзитети во Германија и едни од најпрестижните во целиот свет. Студирала биохемија на додипломски и магистерски студии на „Хајделберг“, а потоа се запишала на докторски на ЛМУ во Минхен и истражува во Центарот „Хелмхолц“ во Минхен. Нејзината професионална биографија веќе вклучува институции како Германскиот центар за истражување канцер, Европската лабораторија за молекуларна биологија (ЕМБЛ) итн. Ана неодамна ја помина првата годишна евалуација на докторските студии и се стреми кон научноистражувачка работа, со надеж дека еден ден ќе може да стартува нешто свое во родната Македонија и да започне ново поглавје во македонската наука.

- Средно училиште завршив во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје, а во Германија сум од 2016 година. Моето образование се одвива(ше) на двата универзитети кои секогаш се во мртва трка за првото место на германските ранг-листи, „Хајделберг“ и „Лудвиг-Максимилијан“ (ЛМУ) во Минхен, и се наоѓаат во топ-50 универзитети на светско ниво според Шангајската листа - кратко ни објасни Ана.

Студирањето во Германија било нејзина цел уште кога била основец и уште како мала се посветила на учењето на германскиот јазик. Ни раскажа дека реализацијата започнала еден ден во основно училиште кога забележала дека локалното училиште за странски јазици нуди детски курсеви по германски јазик.

- Се запишав веднаш и го учев јазикот речиси цела деценија, што ми ги отвори вратите кон овие студии - вели Ана.

Нејзината животна професија, исто така, била определена уште во основно кога во училишните лаборатории се родила љубовта кон природните науки, особено кон биологијата и хемијата.

- Во седмо одделение учествував на натпревар за кој сработив мал проект и неколку експерименти на тема протеини и тоа ме воодушеви. Развив силен интерес за преплетот помеѓу биологија и хемија и така ја донесов одлуката за студиите, кои траеја вкупно 5 години, 3 за додипломски и 2 за магистерски - објаснува Ана.

Долгогодишната посветеност на учењето на германскиот јазик и на природните науки, и учеството во волонтерски активности биле клучни за Ана да стигне до ДААД стипендија, па таа советува средношколците да не се фокусираат само на просекот, туку и на личните надградувања со воннаставни активности.

- Патот кон германската стипендија од ДААД беше стрмен, особено поради долгогодишната подготовка како кандидат. Учев во германската специјализирана програма во „Георги Димитров“, каде што стигнав до С1 ниво на германски јазик, еден од главните услови. Имав награди од различни натпревари и континуиран одличен успех, меѓутоа, она што одигра клучна улога, според мене, беше мојот непрекинат волонтерски и воннаставен ангажман. Иако навидум дебатниот клуб нема директна поврзаност со студиите по биохемија, таквите ангажмани се она што ве профилира како кандидат со критичко размислување, широки интереси и некој што е подготвен да придонесе кон заедницата. Па така, мојот совет за секој што аплицира за стипендија е да не се фокусира само на просекот, туку многу повеќе на она што го издвојува како кандидат со уникатен карактер и уникатни вредности - нагласува Ана.

Остварувањето на сонот за студирање во Германија на Ана ѝ донело измешани чувства, но прекрасните услови што ги нуди „Хајделберг“ и покривањето на студиите само од стипендијата, без да ја оптоварува својата фамилија, за неа биле мотив максимално да се вложи во изучувањето на она што го сакала уште од основно. А тоа барало голема посветеност и целодневни активности на факултет.

- Првите впечатоци кога доаѓате на студии во странство се измешани - од една страна ви се остварува сонот, од друга страна, сами сте во равенка со многу непознати и мора да ја решите. Еден типичен ден на моите додипломски студии изгледаше вака: од 8 до 12 секој ден имавме предавања и т.н. туториуми каде што решававме задачи од различните предмети, од 12 до 13 ручавме во студентската менза и од 13 до 18 часот имавме лабораториски вежби каде што решававме практични проблеми. Можете да замислите дека ова е навистина интензивно темпо и прилично стресно, меѓутоа, тоа е одлична подготовка за понатамошната истражувачка работа. Условите за студентите во Хајделберг беа одлични бидејќи се работи за мал студентски град, полн со прекрасни библиотеки, одлично опремени лаборатории, вкусна храна во студентските мензи и уредни студентски домови. Студирањето со стипендија за мене беше голема привилегија и олеснување бидејќи тоа ми помогна да ги покријам сите трошоци, без да го оптоварувам семејството. И покрај тоа, студиите во странство се период исполнет со многу предизвици и стрес и навистина е потребна голема мотивација, упорност и поддршка од најблиските за да истраете во предизвикот. Во мојата струка, универзитетот е одлично место да се стекнете со практично искуство бидејќи универзитетот во Хајделберг е водечки универзитет од полето на биолошката истражувачка работа. Пристапот до лаборатории за студентски пракси не е комплициран и доколку имате иницијатива и желба, можете да научите многу и да работите на многу возбудливи проекти на актуелни научни проблеми. Универзитетот нуди многу обуки од областа на кариерниот развој и нуди поддршка при преодот од студии кон професионален живот - раскажува Ана.

Европската лабораторија за молекуларна биологија во Хајделберг каде што Ана ја работела магистерската теза

Кога ја прашавме дали може да се направи паралела меѓу македонското и германското образование и што можеме да научиме ние од Германците, Ана ни кажа дека главниот фокус на германското образование е решавање проблеми и примена на знаењето, па во нејзините студии главната улога ја одиграле практичните вежби.

- Германскиот образовен систем е фокусиран на решавање проблеми и примена на знаењето. На пример, моите студии главно се темелеа на успехот од практичните вежби, каде што секојдневно решававме комплексни лабораториски задачи кои ме научија многу за менаџирање на време и ресурси, реагирање во време на криза, соработка со колеги и координирање на голем број задачи истовремено. Сите тие вештини се нешто што ми е неопходно во секојдневниот професионален живот, па така мислам дека образованието одлично ме подготви за тоа - истакна таа.

Уште на додипломските и магистерските студии Ана гради искуство со работа на истражувања, а првото нејзино вработување всушност се докторските студии, на кои работи со полно работно време и за плата, а клучот за да стаса до тоа не бил просекот, туку праксата. Во ниеден момент од студиите и работата немала отежнувања поради тоа што е странски студент и државјанин, напротив, како што вели, тоа ги потенцирало способноста и упорноста, што смета дека се покажало како голема предност.

- Почнувајќи од моите додипломски студии, работев во Германскиот центар за истражување на канцер (DKFZ) во Хајделберг. Потоа, за време на магистерските студии работев во биотехнолошки стартап каде што истражував за молекуларните механизми на депресијата. Магистерската теза ја работев во Европската лабораторија за молекуларна биологија (EMBL), една од најпрестижните и највлијателни институции на ова поле во светски рамки. Ова беше фантастична година која ме внесе во светот на епигенетиката и ме натера да се запрашам што е тоа што ги тера матичните клетки да одлучат „што ќе бидат кога ќе пораснат“, односно кои се механизмите што креираат цела палета различни и специјализирани клетки во нашето тело од само еден единствен генетски код кој е ист за сите. Моето прво вработување се воедно и моите докторски студии. Ова е честопати збунувачки за луѓето кога раскажувам за тоа што правам по завршувањето на магистерските бидејќи системот е различен овде. Работењето на докторските студии е нормално вработување со полно работно време на универзитет или во некој научноистражувачки центар, каде што работите на истражувачкиот проект (секако, за плата) и на крај тоа резултира со докторската дисертација. За да ја добијам оваа позиција, не беше пресуден просекот, туку моето практично искуство на истражувачки проекти и оригиналните идеи за истражувачка работа кои ги демонстрирав при процесот на селекција. Во тој аспект не мислам дека е отежнувачка околност да се биде странски студент, туку напротив, биографијата на странски студент ја потенцира вашата способност, флексибилност, мотивираност и упорност, што е голема предност за работни позиции во мојата струка. Од овие искуства извлеков многу, не само научно, туку и лично, бидејќи работев со луѓе од десетици земји и култури, бев изложена на најновите и револуционерни идеи во науката, што е навистина мотивирачко и инспиративно искуство. Тоа што сум Македонка не претставувало проблем никаде, освен кога доаѓа ред да се борите со ветерницата - германскиот имиграционен систем - објаснува Ана.

Дел од кампањата на Центарот „Хелмхолц“ по повод Меѓународниот ден на жени и девојчиња во наука

Таа сега ја истражува врската меѓу епигенетиката и матичните клетки, а накратко ни објасни што точно значи тоа.

- На докторските студии ја истражувам врската помеѓу епигенетиката и матичните клетки, на Центарот „Хелмхолц“ и Универзитетот ЛМУ во Минхен. Централното прашање е како можеме да го манипулираме епигеномот, кој е збир од модификации на генетскиот код, за да добиеме матични клетки кои потоа би се користеле за регенеративна медицина и третман на болести како што се ракот, Алцхајмерова болест или, на пример, како да создадеме „резервни делови“ за оштетени органи без потреба од трансплантација. Според мене, ова е иднината на медицината и има огромен потенцијал да стане следната револуција во биологијата - вели младата докторантка.

Докторските студии се само уште еден чекор кој Ана го направила со цел напредување во истражувачката работа, а по завршувањето се гледа себеси како научник-истражувач.

- Одлуката да започнам докторски студии ми беше многу природен и логичен следен чекор за мојот кариерен развој, бидејќи сакав да продолжам да работам во интелектуално-стимулирачка средина со интернационален дух, и сакав да стекнам високо ниво на експертиза која ќе ми овозможи и понатаму да се занимавам со истражувачка работа. Титулата во Германија се цени многу и потенцијалот за напредување во академска или индустриска средина е речиси неограничен доколку тоа е тоа што го посакувате во кариерата. По докторските студии дефинитивно и понатаму се гледам како научник-истражувач, меѓутоа, оставам времето и искуството да одлучат дали тоа ќе биде во академски или во индустриски контекст. Можам да кажам дека матичните клетки се мојата голема љубов, па би сакала да продолжам да придонесувам во таа област. Главното што Германија го нуди за доктори на науки се ресурсите, одличните услови за работа и високото ниво на истражувачка работа, рамо до рамо со најпрестижните светски институции, па така оваа професија е вистинско задоволство - истакнува Ана.

Македонија засега не се вклопува во нејзините планови, но вели дека не би исклучила враќање во Македонија во подоцнежен стадиум од кариерата, кога би имала шанса да стартува нешто свое и да започне ново поглавје во македонската наука.

За крај, Ана има и кратка порака за македонските средношколци и студенти.

- Мојата порака до македонските средношколци и студенти е да не се откажуваат и да не мислат дека нешто е невозможно само поради тоа што се од Македонија. Сонувајте храбро, навивајте за себе, не срамете се да побарате помош од оние што веќе го изоделе патот и не дозволувајте нешто да ве поколеба да чукнете на врати кои ви изгледаат недостижни - порачува таа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема