X
 15.09.2021 Наука

Неверојатна фотографија од „ноќно сјаење“ на Земјата

Нашата планета е прашина во космосот, која го носи својот скапоцен товар од целиот живот за кој знаеме дека постои во универзумот, пловејќи по морето ѕвезди.

Лесно е да се заборави тоа, дури и кога стоите под небото. Но, новата фотографија од астронаутот на Европската вселенска агенција (ЕСА) Томас Пескет е спектакуларен потсетник.

Од куполата на Меѓународната вселенска станица, тој успеа да ја слика ноќната страна на Земјата, завиткана во нејзината светлечка, етерична атмосфера.

- Неколку ноќни фотографии од куполата: понекогаш ѕвездените светла се борат со градските светла за тоа кои се посветли и поубави. Имам среќа што јас бев судијата - пишува Пескет на неговиот фликр-профил.

Блескавата атмосфера, што не ја спомена Пескет, е неверојатна. Се нарекува „ноќно сјаење“ (nightglow) и е создадено од природни процеси.

1
Кликнете на фотографијата за поголема резолуција

Небото на Земјата никогаш не е целосно темно, дури ни во текот на ноќта, дури ни ако ги нема светлосното загадување, светлината од ѕвездите и дифузната сончева светлина. Молекулите во атмосферата постојано се подложени на различни процеси, што предизвикува тие слабо да светат низ опсег на бранови должини.

„Ноќното сјаење“, кое се појавува навечер, се случува кога молекулите и честичките се разделуваат во текот на денот со сончево зрачење (процес наречен фотојонизација) и се рекомбинираат, ослободувајќи го вишокот енергија во форма на фотони. На Земјата ова се случува во слоеви: сино-зелениот слој на надворешниот раб е кислород и азот.

На помала надморска височина, црвено-златниот слој се нарекува натриумски слој. Тука се распаѓаат метеорите, ослободувајќи натриум во атмосферата. Фотојонизацијата и рекомбинацијата на атомите на натриум потоа создаваат карактеристичен златен сјај.

Горе во вселената, гледајќи во нашата планета, астронаутите честопати известуваат за она што е наречено „ефект на преглед“: гледањето на Земјата како лебди во вселената, сјајна, а сепак некако деликатна, генерира моќно чувство за поврзаност на човештвото.

Иако вселената и ваквите глетки од прва рака се недостапни за поголемиот дел од луѓето, фотографиите како оваа на Пескет ни даваат мал увид за тоа како се чувствуваат повеќето астронаути.

Извор: Science Alert
Фото: ESA/NASA- T.Pesquet
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука