Колку пати ви се случило да треба да најдете нешто, на пример, клучот од домот, мобилен телефон и слично, а не можете да се сетите каде сте го ставиле или сте влегле во соба да земете нешто, но не можете да се сетите што? На некои луѓе овие работи им се случуваат често, а како што открива научник од „Кембриџ“, постои едноставен начин на кој можете да запомните такви работи.
Според професорот Џон Симонс од Лабораторијата за меморија на Универзитетот „Кембриџ“, проблемот понекогаш лежи во фактот што активно се обидувате да запомните некои работи и токму затоа работите за кои размислувате се блокирани, па не можете да вратите некое сеќавање или не можете да се сетите каде сте го оставиле клучот.
Кога ќе се случи ова или кога ќе ја блокирате вашата меморија поради интензивно размислување за нешто, Симонс вели дека постои едноставно решение: не размислувајте за тоа, туку окупирајте го вашиот ум со други работи. Размислете за работи кои се тотално неповрзани со она што се обидувате да го запомните или обидете се да се опуштите и ќе се сетите на она за кое претходно размислувавте, тврди Симонс.
Тој, исто така, го споменува чувството кога нешто ви е на врвот на јазикот, како да сакате да кажете нешто, но едноставно не можете да се сетите на тоа во моментот. Интересно е тоа што се трудите да се сетите, а потоа само во еден момент, кога ќе помислите на нешто друго, одеднаш ви текнува и тоа е сосема вообичаено искуство, објаснува тој.
Водителот што го интервјуирал Симонс му споменал дека неодамна се сетил на име на личност за која немал помислено во последните 55 години. Според Симонс, тоа е еден од оние спомени што поради некоја причина му пркоси на времето и е нешто што останува во главата на луѓето. Според Симонс, овие сеќавања веројатно имаат одредена важност и вредност што понекогаш не можеме да ги разбереме или објасниме.
Извор:
Daily Mail
Фото: Freepik