Името на министерот за образование и наука на Македонија, Пиштар Лутфиу, на официјалната страница на Министерството во делот кај вестите и актуелностите е напишано на латиница, иако официјална азбука во Македонија е кирилицата. Според македонскиот правопис имињата и презимињата кои се на друг јазик треба да се пишуваат со кирилица, односно се врши транскрипција со кирилично писмо. И на официјалната страница на Фејсбук на МОН, каде што се проследуваат вестите од страницата на МОН исто така презимето на министерот Лутфиу во голем дел од текстовите е напишано на латиница. Се чини дека ова е понова пракса бидејќи, претходните месеци името на Лутфиу се пишувало на кирилица, иако извесно време е пишуван и Љутфиу.
„Министерот да научи правопис. Презимињата не се пишуваат на латиница. Во основно одделение назад“, стои во еден од коментарите под веста: „Министерот Lutfiu оствари средба со новиот амбасадор Тимоние“. И на останатите вести граѓаните оставаат коментари дека се греши во насловите и текстовите, но администраторот воопшто не реагира. Во веста дека нашиот министер за образование се сретнал со Косовскиот, имињата на двајцата министри се исто така напишани на латиница, но истото се случува и со имињата на странските амбасадори како и други претставници и гости од странство. На некои од нив имињата им се напишани со кирилица, но името на Лутфиу е секогаш на латиница.
Иако се обративме до Министерството за образование и наука за коментар и објаснување зошто не се почитува македонскиот правопис и името на министерот за образование и наука се пишува на латиница оттаму не добивме коментар, туку прашање:
„Според вас треба на кирилица“?
Пред извесен период, додека министер за образование и наука беше Абдилаќим Адеми, Министерството за образование сите објави на Фејсбук за комуникација со јавноста ги споделуваше само на албански јазик. По бројните реакции на граѓаните и медиумите администраторот на социјалната мрежа, почна да ги објавува комуникациите и соопштенијата на министерството и на македонски.