Таа е инженер-технолог, професор на Технолошко-техничкиот факултет во Велес, докторанд и поранешен асистент на Универзитетот во Рочестер, САД, како и на Воената академија во Скопје, со завршена обука во првата генерација жени-офицери во АРМ, автор на научноистражувачки проекти, трудови и патенти во земјата и во странство.
Науката треба да биде составен дел од образовниот процес, а не да претставува мит својствен само за развиените земји, вели професорката од Технолошко-техничкиот факултет во Велес, д-р Анка Трајковска-Петкоска, која Универзитетот „Свети Климент Охридски“ ја прогласи за најдобар и најплоден научник на УКЛО. Позната е по нејзината посветеност кон научни истражувања и напорите да им ја доближи науката на студентите, да им ја прикаже преку практика, да направи светските трендови да заживеат и на овие простори. Таа е професор истражувач, а не класичен предавач и на студентите и младите колеги на постдипломски студии несебично им ги дава нејзините научни трудови како студии на случај за изучување на соодветните предмети.
- Навистина сакам новите светски трендови да заживеат и кај нас. Затоа, несебично ги кажувам и промовирам ваквите идеи пред колегите и студентите, магистрандите и докторандите со цел да ги поттикнам да мислат надвор од нашите рамки. Во научната мисла не постојат граници, мора да прифатат дека и овде може да се создаде влијание во различни области, да бидат препознаени и видливи со сопствените резултати и од овој дел на светот. Сакам младите да бидат начитани и потковани со најновите трендови и достигнувања во светот. Само на ваков начин може да размислуваат критички, без предрасуди дека не се доволно добри, а најмалку да помислат дека немаме добри професори во земјата - вели Трајковска-Петкоска.
Со сестрата близначка студирале на ист факултет, а потоа била асистент на Воената академија
Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, на кој дипломирала, бил спојот на нејзините желби за надградување со оглед на тоа дека не можела да се одлучи меѓу хемија и математика. Никогаш не зажалила за изборот, ниту таа ниту нејзината сестра близначка, која исто така се запишала таму. Ги ценеле високите критериуми поставени на факултетот, научиле многу и добиле поттик за понатамошна надградба, па магистрирале.
- На Воената академија во Скопје бев асистент пред да заминам за Рочестер, што значи го имав вкусено повикот на асистент, и тоа многу одговорно. Бев асистент по хемија, откако ја завршив обуката за првата генерација жени офицери во АРМ (1997 год). Како една од подобрите питомки во генерацијата, останав да работам на Воената академија и станав асистент на Катедрата за муниција и вооружување. За две години добив и унапредување не само од помлад асистент во асистент, туку и од оние во офицерскиот повик - од поручник во капетан - вели таа.
Целосна стипендија за докторски студии во САД
Заедно со сестра ѝ продолжиле на докторски студии во Рочестер, САД, без чувство на помала вредност од другите интернационални студенти, знаејќи дека имале добри професори кои несебично се труделе да го пренесат знаењето и во услови кои не биле идеални.
- Аплицирав на повеќе места и бев примена на неколку универзитети во САД. Се одлучив за Универзитетот во Рочестер каде што, поради добрите оценки и стекнатите компетенции од додипломските и магистерските студии во земјава, ми дадоа најдобри услови за студирање - целосно покриена стипендија. Спектарот на можностите во поглед на наставните програми исто така ми се допадна, така што одлуката падна на хемиско инженерство и инженерство на материјали - вели професорката.
За време на студиите работела во софистицирани лаборатории и опрема која овде ја имала видено само во книгите. Но, сепак, имала теоретска основа за неа, па не почнала од нула.
- Таму наидов на друг однос професор-студент, малку поколегијален и не се чувствуваше бариерата во годините и во знаењата. Мојот ментор често знаеше да ми каже: ,,Само небото е граница... биди врвот во твоето истражување и сакам да учам од тебе“. Голема поука извлеков од тој однос ментор-студент таму: да не се плашиме од тоа што не го знаеме. Признавањето и желба да научите е знак на силен карактер, а не знак на слабост. За жал, не сите во животот ги среќаваат вистински ментори - додава Трајковска-Петкоска.
Многубројни научни трудови, патенти, истражувања
За време на докторските студии произлегле два патента од нејзината научноистражувачка работа, од кои подоцна дел ги објавила како научни трудови.
- Во тоа време беа актуелни течните кристали за дисплеи (екрани) кои би биле издржливи и флексибилни нанесени на големи површини. Прво, овие материјали од типот на полимери ги направив во форма и димензии - посакувани и однапред детерминирани, за да може да дадат однапред детерминиран одговор во електрично поле. Тоа го немаше направено никој претходно. Искористив нов тип техника за обликување на овие полимерни материјали со помош на мека литографија, потоа го одредив и нивниот одговор во електрично поле, го опишав и математички – објаснува професорката.
По докторирањето се вратила во Македонија, продолжила со истражувања и интерес за новитети, па поднела уште неколку патентни апликации, од кои една е одобрена минатата година, а другата е во процес на одобрување. Неодамна го завршила и проектот за водородна технологија, во кој била вклучена преку УКЛО и фирмата „Микросам“ од Прилеп, пример за успешна соработка помеѓу академскиот и индустрискиот сектор.
- Во моментов мојот интерес е фокусиран на одржливи материјали од природно потекло за пакување храна, потоа искористување отпадни материи и нивно инкорпорирање во нови производи, па сѐ до напредни материјали кои би се користеле во секторот енергетика, нa пример, за водородна технологија, прехранбениот сектор итн. - вели професорката.
Од истражувањата треба да има полза
На нејзиниот факултет таа нема соодветна лабораторија за експерименти со студентите од областа во која работи. Но, вели дека се снаоѓа да спроведе соодветно ниво на вежби и да им пренесе дел од нејзината научноистражувачката работа во земјата и странство.
- Предусловите се различни за сите нас. Не сите професори треба да се споредуваат или ставаат во ист кош. Навистина недостигаат многу работи во земјата во поглед на научноистражувачки капацитети и опрема, но понекогаш треба да знаеме каде и што да бараме, а не попусто да се жалиме за недостатоците. Постојат компании кои може да помогнат во спроведувањето на дел од научноистражувачките процеси и така да се постигне двоен бенефит - вели професорката.
Важна е и поддршката од државните институции, но пред сѐ да се прават истражувања кои се потребни за државата и пошироко, а не само „истражување колку за истражување“, без некоја потреба. Посочува дека ние не сме богата земја да се луксузираме со фундаментални проекти и да можеме да спонзорираме идеи кои немаат допирни точки со нашиот животен стил или не се наши приоритети.
Со лични позитивни примери да ги задржиме младите да студираат и да напредуваат дома
Нагласува дека најбитен е човечкиот капацитет во една држава за да може и образованието и науката да одат по нагорна линија.
- Преостанатите инфраструктурни капацитети се предмет на обнова и доекипирање, но човечкиот потенцијал е оној во кој се вложува со години и децении и не треба да дозволиме да го губиме преку ноќ, затоа што обновата и генерирањето на нови умови во државата ќе нѐ чини многу и временски и финансиски. Еден ден можеби ќе имаме доволно финансии за да направиме многу работи, но прашањето ќе биде со кого и за кого, ако младите ни се отселат од државата. Затоа треба што повеќе позитивни примери (и тоа лични) да им се презентираат на младите генерации преку предавања, вежби и надвор од училниците со цел да сфатат дека и од овде може да се работи и соработува со соодветни партнери од надвор - заклучува професорката.
Фото: приватна архива