X
 16.08.2022 Живот

Поранешен австралиски премиер се назначил себеси на неколку министерски позиции

Веста дека поранешниот премиер на Австралија се назначил себеси на неколку министерски места среде пандемијата на ковид поттикна политички скандал, при што неговиот наследник вети брза истрага за случајот.

Премиерот Ентони Албанес го обвини поранешниот премиер Скот Морисон за лоши политички потези, откако се откри дека поранешниот премиер се назначил себеси на министерски позиции без да ги информира колегите, парламентот и гласачите.

Велејќи дека потезите на Морисон се без преседан, Албанес изјави дека побарал правна помош и дека очекува дополнителни информации во текот на денот.

- Станува збор за политички потези на кои би се смеел светот доколку се случуваат во недемократска држава - изјави Албанес, додавајќи дека Скот Морисон ја водел државата од сенка.

Во некои случаи Морисон се поставил себеси за министер без да ги информира членовите на кабинетот што претходно ги назначил на истите позиции. Скандалот фрли светлина врз нетранспарентноста на одлучувањето во австралиската Влада и го постави прашањето дали се потребни построги мерки за зачувување на демократијата.

Сè уште не е познато кои позиции точно ги зазел Морисон, но локалните медиуми објавија дека тој го презел управувањето со ресурсите и ја искористил својата моќ за да запре голем проект за гас во близина на брегот на Сиднеј. Конзервативците на Морисон ја загубија власта на изборите во мај, ставајќи крај на речиси една деценија владеење на десниот центар во земјата.

Извор: Index.hr
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот