X
 16.10.2019 Образование

Промовирана поштенска марка посветена на 150 години од Периодниот систем на Менделеев

Беа одбележани и 45 години од објавувањето на првиот број на списанието Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering

Промоција на поштенска марка по повод 150 години од Периодниот систем на елементите и одбележување 45 години од објавувањето на првиот број на списанието Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering се одржаа денеска на Институтот за хемија, на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во полн амфитеатар на Институтот беа претставени двете изданија – поштенската марка, дело на уметникот Лоран Куфало, и списанието во кое се застапени 12 труда од областа на хемијата и технологијата.



Според Неџати Алија, раководител на Бирото за филателија, секој јубилеј што е значаен за науката или за државата е значаен и за филателијата.
- Всушност, филателија е одржување на вакви значајни јубилејни настани, особено кога тоа е тема од светско значење. Можеби некој мисли дека со дигитализацијата се губи вредноста на филателијата, но се случува спротивното - расте вредноста. Секој човек не се занимава со филателија, туку тие што навистина ја знаат вредноста на марката. Таа не е само парче хaртија, туку има вредност на амбасадор на една држава - вели Алија.

Според проф. д-р Зоран Здравковски, претседател за Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, УНЕСКО ја прогласи 2019 за Година на Периодниот систем и тоа е значајно бидејќи на овој начин и светот го признава делото на Менделеев, кој направил пресвртница. Здравковски вели дека во списанието е вложен труд од целокупниот наставен кадар од Институтот за хемија и Технолошко-металуршкиот факултет.

Проф. д-р Зоран Здравковски

- Добар пример е што се обединиле двата факултета да објавуваат едно списание, бидејќи сфатиле дека вака ќе дојдат до квалитетот. Во 1974 почнало да се печати со оловни букви од Гутенберг-печатница, до денес, до најсовремена електроника. Списанието има стекнато фактор на влијание и затоа свои трудови објавуваат научници од цел свет. Факторот на влијание е валоризација на квалитетот - вели Здравковски.

Списанието е направено според југословенски стандарди од пред 45 години, а прв главен и одговорен уредник бил професорот и академик Бојан Шоптрајанов. Високи стандарди биле поставени уште на почетокот, биле одржувани и зголемувани.
- Во 1990 година проф. Светомир Хаџи Јорданов од ТМФ донесе одлука трудовите да се објавуваат исклучиво на англиски јазик. Беше шокантно за некои наши луѓе, но отсекогаш сме го следеле светскиот тренд. Благодарение на сето тоа, во 2005 година е постигнат тој фактор на влијание - вели Здравковски.

Веќе неколку години електронското издание на списанието го финансира Министерството за образование и наука.


Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование