Валандовската Котлина се наоѓа во југоисточниот дел на Република Македонија. Од сите страни е ограничена со планини и тоа: Беласица, Градешка Планина, Плавуш, Погана, Кожуф и Марјанска Планина. Во геотектонски поглед, котлината претставува депресија ограничена со раседи кои се доста активни, па затоа има честа појава на земјотреси. Основата ја сочинуваат прекамбриските, палеозојските и мезозојските комплекси, со протегање исток-запад, а преку нив има напласти на езерски – неогени седименти. Во поглед на релјефот, во Валандовската Котлина можат да се издвојат три видови на релјефни форми: рамничарски (низински), ридски и планински. Пред околу 2-3 милиони години, Валандовската Котлина била исполнета со езеро, што се потврдува со седиментите во западниот (понизок) дел. По истекувањето на езерото, реките ги продолжиле своите текови по растреситото рамничарско дно, при што ги издлабиле своите корита, создавајќи речни долини, суводолници и др. Главни долини се долината на реката Вардар како и долината на нејзината лева притока Анска Река. Во источниот дел од котлината, кон планината Беласица, реките имаат стрмен пад, со доста водопади. Така, во горното сливно подрачје на Башибоска Река се евидентирани вкупно 13 водопади, од кои 7 повисоки од 10 m, додека еден водопад е со висина од 28 m. Во овој дел исто така се среќава и денудационен релјеф, а изразен е преку бројни форми на остенци, чашки, корита, птичји гнезда и др. Веднаш под врвот Боскија во јужниот дел од котлината се наоѓа и единствениот евидентиран спелеолошки објект во овој дел, а тоа е пештерата „Су Кујусу“ (дупка со вода). Поради поволните природни и антропогени фактори, во Валандовската Котлина се доста застапени ерозивните и акумулативните форми. Затоа, по падините на ридовите и планините има голем број вододерини, суводолници, долови и плавини, а кон дното на котлината се внесува големо количество на нанос.
Валандовската Котлина во голем дел е под термичкото влијание на Егејското Море, т.е. на средоземноморското климатско влијание. Просечната годишна температура овде изнесува 14,5°С. Во Валандовската Котлина средоземноморските климатски влијанија особено се манифестираат во ладниот дел од годината, што се гледа и од релативно високите температурни вредности во зимските месеци. Во Котлината најизразени се ветровите по долината на реката Вардар и тоа: Вардарецот кој се јавува од северен правец и Југото од југоисточен правец.
Водите во Валандовската Котлина претставуваат мошне значаен предуслов за животот на луѓето и за развојот на органскиот свет. Во зависност од геолошкиот состав, релјефната структура и климатските карактеристики, водите се среќаваат како подземни води, извори и површински речни текови. Најголем број извори се сретнуваат во подножјето на Плавуш, како и во западните ограноци на Беласица. Изворите во овие подрачја имаат студена вода, се одликуваат со издашност од 4-10 л/сек и не пресушуваат во текот на цела година. Покарактеристични површински речни текови се: реката Вардар, Анска Река, Аразлиска, Градечка, Воисирска, Башибоска Река, Љуткова Река и реката Муштеница. Реката Вардар во овој дел ја формира импозантната Демиркаписка Клисура, која се простира од Демир Капија до селото Удово со вкупна должина од 19,5 km.
Растителниот свет во Валандовската Котлина се одликува со богатство на различни видови. Во растителниот свет на Котлината најмногу се карактеристични шумите и тревните заедници, претставени со ливади и пасишта. Во најнискиот слој на Котлината во најголем дел е застапен прнарот (Quercus cocifera), веднаш над него се наоѓа шумскиот појас на дабот Благун (Quercus pubescens) и Белиот Габер (Carpinus orientlis), а највисоко е дабот Плоскач (Quercus frainetto). Во близина на селото Чалакли е застапена и Тисата (Taxus baccata). Од фауната присутни се сите медитерански животни, карактеристични за поголемиот дел на Балканскиот Полуостров и тоа: волк, дива свиња, срна, див зајак, лисица, фазан, еребица (полска камењарка) и јастреб.
Врз основа на влијанието на понапред наведените фактори во Котлината претежно се застапени атипските (неразвиените) почви, а во значително помал простор и типските (развиените) почви. Од атипските почви најмногу се застапени: алувијалните, делувијалните, делувијално-алувијалните, силикатниот сирозем и скелетните почви, а од типските: циметните почви, блатните, солените, смолниците и ливадските почви. Алувијалните почви се застапени во средишниот, најнизок дел на Котлината, кој се простира до 100 метри надморска височина. Тие најшироко се распространети по текот на Вардар, како и покрај текот на Анска Река. Делувијалните почви се застапени главно, по рабниот дел на Котлината, во падинскиот дел, кој се простира помеѓу 100 и 200 метри надморска височина.
Споменатите природно-географски карактеристики нудат одлични можности за да се развива разновидно земјоделско производство, а особено одгледувањето на одределни медитерански растенија како: калинката, маслинката, смоквата и др. На поголемиот дел од површините, наведените култури се произведуваат на принципот на интегрално и органско производство, односно без употреба или со ограничена употреба на хемиски пестициди и минерални ѓубрива. Иако Валандовската Котлина е признаена за еден од најеколошките краеви во Република Македонија, сепак од неодамна со извршените детални геолошки изтражувања е констатирано дека е застапена бакарната руда на три локации и тоа во близина на селото Казандол, на планината Плауш и на планината Беласица. Доколку таквите рударски комплекси бидат изградени во целост ќе биде нарушено еколошкото производство во овој регион. Застапеноста на бакарна руда во овој регион нуди можност за експлоатација од максимум 15-20 години. После овој краток период, ќе се добие целосно разобличен релјеф со загадена животна средина. Заработката од ископот и преработката на рудата се непроценливо помали од животот и здравјето на луѓето. Со уништување на природата ја уништуваме и нашата иднина, како на нас така и на идните генерации!
Автор: Глигорије Џилвиџиев, дипл. географ. /
иГео