Мојот театар е друг свет, паралелен свет – вака својот авторски концепт си го објаснува режисерот Иван Поповски. Во тоа нѐ уверува при секоја посета на неговите претстави кај нас. Нѐ увери и со гостувањето на „Алиса зад огледалото“, која викендов му донесе магија на Скопје – ги израдува децата, но ги направи и возрасните повторно деца. Во помалку од три часа, колку што траеше претставата, која е повеќе од барана на сцената на „Мастерскаја Пјотр Фоменко“ во Москва, на публиката ѝ се случи возбуда на сите сетила. Децата буквално не мрднаа, иако должината на претставата воопшто не е вообичаена за театарската практика кај нас во однос на детските претстави (кои не траат подолго од еден час). Уживаа во светот на соништата на Алиса, доброто девојче кое запознава чудни суштества, животни, влегува во непознати светови...
За костимографијата и сценографијата на претставата би можело магистерска дисертација да се напише. Поповски толку внимава и на најмалиот детаљ, користејќи ја моќта на трансформацијата и влегувањето од сцена во сцена, што гледачите ги води кон состојба на катарза. Со навидум едноставни решенија, сенки, светлина, преминува од едно решение кон друго, за на публиката во ниеден момент да не ѝ биде здодевно. „Алиса зад огледалото“ е големо искуство, особено за децата, кои досега немале можност на голема сцена да видат такви перформанси. Во публиката имаше и деца помали од седум години (како што беше категоризирана претставата од театарот) и ниту странскиот јазик ниту слушалките за превод не беа пречка за најубавата публика да ужива во секој момент.
Многу важна улога за целосен впечаток на претставата даде и музиката, односно музичарите кои беа речиси актери во претставата.
Сите актери дишеа како еден и играа повеќе улоги. Шармантната актерка со детско лице Роза Шмуклер (31) имаше можеби најголем товар, но во ниеден момент не беше сама, оставена да се бори со сцената и публиката, ами во постојана кохезија и љубов со своите колеги. И нешто што е невообичаено за нашата традиција, таа како главна актерка не се поклони сама на крајот од претставата. Како ансамбл играа и како ансамбл се поклонија на неколкуте биса на публиката. Особина што им се препишува на големите театри.
„Алиса зад огледалото“ беше прва од трите претстави што театарот во кој Иван Поповски работи речиси 25 години ги донесе во МНТ, специјално за македонската публика, во програмата „Иван се враќа дома“. Следуваат „Отровната туника“ (19 и 20 септември) и „Сонот на летната ноќ“ на 22 и 23 септември.
За поздрав е доследноста на новото раководство на МНТ да се воведе ред со почнувањето на претставите. Вратите на втората изведба беа затворени во 18 часот.