Реформата треба да се поддржи и е неопходна што побргу зашто се работи за најзначајно прашање – основното образование, кое е база на целиот образовен систем, сметаат членови на Одделението за општествени науки и на Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ. Според нив нормално да има различни ставови. Тие имаат свои сугестии за подобрување на концепцијата и нив ги изнеле на денешната средба со министерката Мила Царовска и со членовите на работната група кои го изработија нацрт-документот.
-Дадовме редица сугестии за подобрување на концептот и очекуваме по усвојувањето, да биде подготвен наставниот план, а следен чекор – наставните програми, како и национални образовни стандарди преку кои ќе се мерат исходите на образованието – стекнатите компетенции и оценувањето на учениците, за да може да се подигне квалитетот на основното образование, кој сега, на меѓународни мерења, се оценува како исклучително низок - рече академик Владо Камбовски по состанокот.
Реформата треба да вклучи и други компоненти, додаде тој, како буџетски вложувања, подобрување на статусот на наставниците и едукација за нова филозофија на учење со која се стекнуваат знаења и способности за совладување проблеми.
-Укажавме конкретни сугестии во однос на структурата на наставниот план кој, според нас, слично на други развиени концепти, во рамки на осумте подрачја одредени како цели на системот на образование, треба да вклучи листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја, и физика, и хемија, оние кои сега се групирани само како модули на заеднички предмет Општествени науки - рече Камбовски.
Според академик Таки Фити, најважно е да се промени пристапот на учење и реформата треба да почне со радикално преиспитување на наставните содржини и од нив да исфрли се што е второстепено и несуштинско, екстензивноста и кванитетот, а учениците да се ослободат од меморирање факти и од најрана возраст да се учат на критичко и логично размислување и да стекнуваат вештини на креативност, инвенција, иновативност, способност за претприемништво и искористување на можностите. Посочи и дека прашањето за интегрирање на предметите не е незначајно и дека историјата треба да остане посебен предмт.
Тој смета дека отпорот кон нацрт-концепцијата веројатно произлегува од недоразбирање и затоа што имало, како што рече, лоша коинциденција во периодот кога се објави концептот и политичкиот амбиент во земјава.
-Некако се поврза целиот концепт со состојбите и проблемите што ги имаме со соседна Бугарија и она инсистирање во концептот за интегрирање предмети се сфати како бришење на предмети, конкретно на историјата, и некако се дефокусира суштината на расправата. Иако тоа прашање на интегрирање не е незначајно, и ние дадодвме свои сугестии. Мислиме дека треба да бидеме многу претпазливи, особено кога станува збор за историјата. Ние имаме проблеми со национална историја во мултиетничка земја, но лично мислам дека може историјата да си остане како посебна наука или да се најде креативно решение кое нема да ја наруши суштината на концептот, но исто така ќе придонесе за национален консензус околу овие прашања. Нема укинување предмти, особено не на историјата - истакна академик Фити.
Академик Абдулменаф Беџети повика да се поддржи иницијативата зашто, како што рече, тешко е да се влезе во толку комплексен зафат, а ова е само првиот чекор.
Овие академици посочија дека мислењата им се лични, не е официјален став на МАНУ и на најзиното Претседателство. Министерката Царовска рече дека сите седум членови на Одделението за општествени науки при МАНУ биле поканети, а тројца не присуствувале од оправдани причини. Академик Камбовски додаде дека ова се прашања во доменот на Одделението за општествени науки, а дека Академијата нема официјален став на Претседателство или на Собрание.
-Ставовите на Академијата ги формулираат неговите тела – Собранието, како највисоко тело или Претседателството. За овие прашања Собранието сигурно ќе расправа и ќе формулира ставови, но јас не можам однапред да кажам какви - рече Камбовски одговарајќи на новинарско прашање.
Фото: МОН