X
 17.09.2019 Образование

Белградските студенти повторно не ѝ дозволуваат влез на ректорката на Универзитетот

Ректоратот на Универзитетот во Белград (БУ) и денеска е блокиран, а студентите од организацијата „1 од 5 милиони“, кои се наоѓаат во неговите простории, не сакаат да ги напуштат сè додека не се исполнат нивните барања.

Ректорката Иванка Поповиќ и проректорот денеска се обидоа да влезат во просториите на Ректоратот, меѓутоа, на ректорката не ѝ беше дозволен влез.

- Во Ректоратот денеска се обидоа да влезат ректорот и студентот проректор, меѓутоа, ние само нему му дозволивме да влезе и да биде достапен за студентски прашања - изјави Мила Јовановиќ, студент од организацијата „1 од 5 милиони“.

Таа додаде дека блокадата продолжува и натаму.

- Наше основно барање е Ректорот на Универзитетот да испрати на РТС препорака до премиерката Ана Брнабиќ да го разреши министерот Синиша Мали, а наше второ барање е академската година на факултетите да не се нарушува заради одржување на Универзијадата и не се откажуваме од овие барања - изјави Јовановиќ.

Студентите собрани во зградата на Ректоратот повремено добиваат поддршка од политичарите од опозицискиот Сојуз за Србија (СзС), меѓу кои денеска беа и лидерите на Двери и Демократската партија (ДС), Бошко Обрадовиќ и Зоран Лутовац, кои, како што изјавија, „дошле како граѓани да изразат солидарност.“

Ректорката Иванка Поповиќ изјави дека не очекува владата да посредува во разговорите меѓу претставниците на Белградскиот универзитет и студентите кои се во Ректоратот, бидејќи имала директна комуникација и дека никој од Ректоратот не барал и не планира да побара полициска интервенција.

Таа за „Блиц“ изјави дека барањата за разрешување на кој било член на српската Влада, па и за Синиша Мали, не се во надлежност на Универзитетот.

- Засега е тешко да се предвиди кога Ректоратот ќе се деблокира - изјави Поповиќ, наведувајќи дека смета оти блокадата не е најдобриот начин да се покаже поддршка за Универзитетот, како што тврдат студентите кои го блокираа.

Претседателството на Студентската конференција на Универзитетите во Србија денеска ја осуди блокадата на Ректоратот, истакнувајќи дека тоа е кршење на одредбите на српскиот Устав и загрозување на независноста на високообразовна институција како што е БУ.

Причините за блокадата, како што наведоа студентите, се неодговорното однесување на надлежните предводени од министерот за образование Младен Шарчевиќ кон образованието, падот на Универзитетот на списокот на Шангајската листа, нарушување на наставната година заради одржување на Универзијадата, најавата за иселување на студентите од Студентскиот град, одложување на испитите, скратување на годината, недостиг на литература, недостиг на простории за настава на некои факултети, како и разрешување на министерот за финансии Синиша Мали.

Реагирајќи на барањата на студентите собрани во Ректоратот, премиерката Ана Брнабиќ изјави вчера дека нивните барања нема да бидат исполнети и дека Синиша Мали нема да биде разрешен.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование