X
 15.03.2018 Економија

Светска банка предупредува: Расте јазот помеѓу богатите и сиромашните луѓе


Бездомник
(Фото: Pixabay)


Во неодамнешниот извештај на Светската банка се наведува дека победници во новите економски превирања и технолошката револуција се работниците кои добиваат плата и најнапредните компании во најбогатите земји од Европската Унија. Сè повеќе Европјани се сиромашни, а невработеноста расте во најпогодените подрачја на континентот.

Во извештајот стои дека 10% од најсиромашните Европјани претрпеле пад на заработувачката од 7%, а дека 10% од најбогатите во Унијата доживеале раст на приходите од 66%.

„Европската Унија се проширува“, се наведува во заклучокот,„но самите Европјани не се обединети“.

Ваквата ситуација предизвикува вознемирувачко чувство на веќе видено сценарио. Во средината на 90-тите години од минатиот век, во Латинска Америка растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните, како во приходите, така и во образованието, ја загрози стабилноста на демократските институции. Тоа било пред појавата на интернетот, пред технолошките трансформации, пред забрзувањето на концентрацијата на глобалниот капитал на сметка на „шака“ поединци.

Кој е виновникот?

Во извештајот на Светската банка вината се префрла првенствено на технолошките достигнувања кои од корен го менуваат  пазарот на производи, како и пазарот на трудот, а кои отвораат широка врата за квалификуваните работници, но и за компаниите кои произведуваат нови технологии.

Во меѓувреме, помалку квалификуваните работници, физичките работници и постарите, поконзервативни компании заостануваат.

„Затоа, заостануваат земјите кои на своите граѓани не им обезбедуваат доволно можности да изградат релевантни вештини, а исто така и не обезбедуваат доволно мотивирачка средина за успешно работење на компаниите.“

Светската банка бележи дека побарувачката за физички работници од 2003-та до денес се намалила за 15%, паралелно со еквивалентниот пораст на побарувачката за аналитички и креативни професии, што е тренд за кој се смета дека сè побрзо ќе расте. Се препорачува властите на земјите да се фокусираат на едукација на работниците и на нивна подготовка за нови работи на пазарот на труд  кој забрзано се менува.

Јазот особено е значаен меѓу земјите од  јужна и северна Европа, особено кога се работи за стапката на продуктивност, која на југ е двапати побавна во споредба со северот.

Паралелите со Јужна Америка особено се впечатливи. „Форин полиси“ во 1997 година пишувал дека лидерите на земјите во регионот би требало да се концентрираат на реформи на „очајно лошите школски системи“.

Светската банка во својот извештај за Европа, донесе ист таков заклучок. „Нискоквалитетното образование во одредени земји и региони на ЕУ исто така создава економска и социјална поделба меѓу најбогатите и најсиромашните“, со напомена дека во половина од европските земји, повеќе од 20% 15-годишници поседуваат само основна писменост и математичко знаење.

Во извештајот се заговара „радикално подобрување“ во образовните системи за да можат новите генерации да се подготват за силната конкуренција на пазарот на трудот како единствен начин за излегување од волшебниот круг на сиромаштијата.

Исто така, се препорачува реформа и на преоптоварените регулаторни системи, особено во земјите од Јужна Европа, каде бирократијата „го обесхрабрува растот на компаниите, оневозможувајќи им да отвораат нови работни места и да привлекуваат директни странски инвестиции“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија