„Јутјуб“ донесе одлука да ги блокира корисниците што гледаат содржина преку надворешни, неофицијални апликации. Според она што го објави на страницата за поддршка на клиентите, ќе ги заостри своите политики за надворешни апликации што ги „кршат условите за користење“, со посебен фокус на функциите за блокирање реклами.
„Содржината не е достапна“
Гледачите што користат такви апликации може да имаат проблеми и да добијат порака: „Следнава содржина не е достапна на оваа апликација“.
Вака „Јутјуб“ ги објаснува новите чекори:
- Сакаме да нагласиме дека нашите услови не дозволуваат апликациите од трети страни да исклучуваат реклами, бидејќи тоа ги спречува создавачите да добиваат награди за гледаност. Рекламите на „Јутјуб“ помагаат во поддршката на создавачите и им овозможуваат на милијарди луѓе во светот да ја користи нашата видеоуслуга.
Значи, сè е поврзано со монетизација на содржината и заработката од гледачите.
„Плати и гледај“
Како решение, уште еднаш потсетуваат дека за оние што „преферираат целосно искуство без реклами“, постои опција за претплата на „Јутјуб премиум“. Надворешните апликации за гледање на „Јутјуб“ ќе бидат поддржани само кога го користат официјалниот АПИ (Програмски интерфејс за апликации), во согласност со важечките политики и правила за користење.
- Кога ќе најдеме апликација што ги прекршува овие услови, ќе преземеме соодветни мерки за да ги заштитиме нашата платформа, креаторите и гледачите - заклучил вработен во „Јутјуб“, потпишан како Роб.
Најавената мерка за забрана е во согласност со претходните потези на „Јутјуб“, кои на различни начини се обидуваат да ги потиснат решенијата за блокирање реклами.
Извор: Bug.hr
Фото: Freepik