X
 18.08.2020 Култура

12 филмски фестивали ги чекаат парите од Агенцијата за филм. Оттаму апелираат на трпение

Дванаесет филмски фестивали денеска гласно реагираат зошто сè уште не ја добиле одобрената финансиска поддршка од Агенцијата за филм за реализација на нивните програми. Фестивалот на планински филм Ехо, Киненова, Македокс, Филозофскиот филмски фестивал, Синедејс, Џифони Македонија, ОДА - Тетово филм фестивал, Флипбук - фестивал на европски авторски анимиран филм, Етнолошкиот филмски фестивал Кратово, Галичник филм фестивал, Астерфест, Меѓународниот етнографски студентски филмски фестивал реагираат дека и по шест месеци од одобрената поддршка на конкурсот на Агенцијата за филм (одлука на 2 февруари 2020), немаат потпишано договори, ниту пак добиено пари за нивно одржување.

- Агенцијата за филм има донесено одлуки и ја исплатила финансиската поддршка само за неколку фестивали и манифестации, додека останатите немаат официјален одговор и покрај многуте дописи, доставени адаптирани програми и буџети согласно ситуацијата со ковид-кризата на барање на Агенцијата уште во мај и јуни годинава. Се обраќаме до јавноста да ја информираме за проблематичната состојба со фестивалите во нашата земја и јавно да побараме властите да назначат нов в.д. директор или да се продолжи мандатот на постојниот директор за да може да се потпишат договорите - стои во соопштението.

Тие објаснуваат дека по одобрените резултати, сериозно се подготвуваат за реализацијата на фестивалите. Пролетните филмски фестивали ги одложија датумите за одржување или одбраа да организираат онлајн-програма.  


 Од последното издание на „Џифони искуство“

- Во меѓувреме, од страна на фестивалите и фестивалските работници беа понудени многубројни алтернативи по примерот на фестивали низ целиот свет. На два наврати, по иницијатива на фестивалите, се оствари средба со Агенцијата, кога ни беше ветено дека прашањето со фестивалите ќе биде решено и дека одобрените проекти за оваа година ќе може да се реализираат и да се пристапи, со завршувањето на вонредната состојба во јуни, кон конечно потпишување на договорите. Агенцијата за филм донела одлука (со кратење на доделените финансиски средства) за два фестивали кои се одржаа во јули и август и за два фестивали кои ќе се одржат во септември. Нејасно е зошто од страна на Агенцијата за филм се прават изолирани и селективни одлуки само за некои фестивали, а останатите фестивали се ставаат во неизвесна положба, со што се поткопува сериозноста на организирањето фестивали со интернационален карактер - прашуваат организаторите на фестивалите. 

Од Агенцијата за филм објаснуваат дека Управниот одбор, на предлог на службите од Агенцијата, донел одлука за измена на износи на фестивалите кои имаа направено измена во претходно доставените програми (начин на одржување) и заклучок за потпишување договори со сите фестивали што ќе се одржат заклучно со месец септември. 

- Овој пресек е направен од причина што оние фестивали кои се одржуваат во догледно време имаат подефинирани програми и буџети врз чија основа може да се склучи договор. За останатите фестивали предвидено е да се одлучи во втората половина на август, најдоцна до почетокот на септември. Ова значи дека фестивалите за кои не е донесена измена во одобрените износи и кои ќе се одржат од октомври до крајот на годината сè уште имаат валидна одлука со одобрен првичен износ кој ќе претрпи измена доколку овие фестивали имаат измени во програмата и буџетите, сепак поради неизвесноста на ситуацијата со пандемијата, за нив сè уште не се склучуваат договори - стои во одговорот на Агенцијата. 

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура