X
 18.11.2017 Технологија

Неколку совети како да станете одличен програмер

Компаниите во светот денес трагаат по талентирани програмери, а нивната потрага, судејќи според многубројните статистички показатели, во иднина сè повеќе ќе се зголемува. Програмерите денес имаат многу можности, не само за вработување туку и самите да го избираат местото каде што ќе работат (од дома, на далечина, полно работно време или половина...), како и големи можности за напредување.

Ако сте избрале да градите кариера во програмирањето, можете да бидете сигурни дека за вас работа секогаш ќе има. Но... иако компаниите бараат програмери, тоа не значи дека можете да се вработите без грам труд.

За да можете да стигнете до ветениот сон, ќе мора да бидете навистина добар програмер. Ви претставуваме неколку совети што ќе ви помогнат да станете подобар програмер од другите:

1.    Тестирајте

Зошто? Секој програмер некогаш го доживеал ова: во еден агол променувате некој код, а во некој навидум неповрзан агол нешто престанува да функционира!

Горчливата вистина гласи: и новиот и изменетиот код неизбежно ќе содржат грешки.

Како да се реши овој проблем? Користете автоматизирани тестови кои ќе ви помогнат старите кодови да останат стабилни.

Исто така, можете да одите чекор понатаму и да напишете тестови пред да почнете да го пишувате кодот. Овој едноставен совет може да ви даде сосема нова перспектива и идеја како да им пристапувате на проблемите.

2.    Прегледајте ги кодовите

Ова е особено важно ако работите во тим – без оглед дали сите користите заедничка канцеларија или работите со програмери од целиот свет, со кои комуницирате преку интернет.

Кодот што го видел само еден програмер во вашиот тим е потенцијално лош код: ако тоа лице се разболи или го напушти тимот, никој нема да знае како овој дел од вашиот софтвер навистина функционира. Освен тоа, без оглед на квалитетот на работата на колегите, секогаш постои можност некој друг да има подобро решение од применетото.

Ваквите проблеми лесно можат да се избегнат со тоа што ќе го дадете својот код да го прегледаат и другите членови на тимот, како што и вие ќе ги прегледате нивните кодови. Ваков начин на пишување код претставува и контрола на квалитетот и средство за создавање колективна сопственост над кодот во вашиот проект.

Што треба да имате на ум? Програмирањето во двојка има многу предности, а една од нив е што нема да морате да скитате низ интернетот и да барате луѓе кои ќе ви го прегледаат вашиот код. Оваа метода на програмирање има и други предности кои се опишани во следниот чекор.

3.    Програмирајте во двојки

Зошто? Програмирањето во двојка е идеално средство за размена на знаења во тимот. Кога во тимот постојат нови или програмери почетници и поискусни членови или софтверски девелопери, кои седат еден до друг, тоа е најдобар начин за јуниорите да се обучат да станат ефикасни членови на тимот. И бидејќи подучувањето на јуниорите е одличен начин да ги острите сопствените вештини, дури и најискусните програмери можат да имаат корист од тоа.

Што треба да имате на ум? Кога се работи по ваков принцип, секое лице би требало некое време да биде ангажирано на тастатурата... Ова не би требало да биде работа по системот: „Јас те учам, ти слушаш“.

4.    Држете се до едноставноста

Зошто? Планирањето непредвидени околности многу порано може да го направи вашиот код непотребно сложен и комплексен.

Не обидувајте се да ги предвидите барањата на вашиот клиент две години однапред – премногу работи можат да се променат!

Ќе трошите време на прекомплексно решение на проблемот кој во иднина може да стане сосема поинаков од она што сте го замислиле. Се разбира, согледувањето на пошироката слика и планирањето се корисни и овој совет не значи дека воопшто не треба да планирате, само е важно тоа да не го правите премногу однапред.

Што треба да имате на ум? Кога се зборува за едноставноста, тоа не треба да се меша со „брзо и небрежно“. Секогаш морате да работите внимателно и промислено.

5.    Користете дизајнерски обрасци


Зошто? Во суштина, повеќето програмерски проблеми припаѓаат на една од само неколку општи категории. Овие општи проблеми веќе се решени илјадници пати – и добро се документирани во неколку „дизајнерски обрасци“. Обидете се да се оттргнете од проблемот што е пред вас и ќе можете да ја примените докажано најдобрата практика, наместо повторно да пронаоѓате „топла вода“.

Што треба да имате на ум? Примената на дизајнерски обрасци или шеми не би требало да стане ваша редовна практика. Понекогаш сè што навистина е потребно се неколку линии на едноставен код.

За да станете успешен програмер, најважната појдовна точка е вашата едукација. Без добри основи нема да можете да напредувате, ниту да ги надградувате своите вештини. Затоа е важно да знаете дека за добра обука, потребни се најмалку 12 месеци, па брзите и кратки курсеви не се добро решение затоа што можат да ви останат дупки во вашето знаење.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија