X
 19.04.2024 Наша тема

Склучен договорот со изведувачот за реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, се чекаат одобренија од општините

Реконструкцијата доцни една година, според претходните најави на надлежните, требаше да започне во март лани.

Уште на почетокот на годинава бил склучен договорот со компанијата изведувач „Страбаг АГ“ за целосна реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, но за да започнат градежните активности, се чека општините Центар и Гази Баба да издадат одобренија за реконструкција на објектите, соопштија од МОН за Факултети.мк.

Барањата за потребните одобренија до двете скопски општини биле испратени уште во ноември лани и се очекуваше за „Кузман Јосифовски-Питу“ да биде издадено до крајот на март, а за „Стив Наумов“ до крајот на април годинава. Во исчекување на потребните документи, изведувачот извршува подготвителни работи.


Фото: Илиана Николовска

Девет државни студентски домови ќе се реновираат во 3 фази

Дури и да стигнат одобренијата до крајот на април и да се започне со реконструкцијата, сепак, тоа е задоцнување од една година судејќи по најавите што Министерството за образование ѝ ги даде на нашата редакција во октомври 2022 година. Тогаш рекоа дека реконструкцијата на студентските домови во Скопје ќе започне до март 2023 година и ќе трае 30 месеци, односно ќе заврши до 2025 година. Сега од МОН објаснуваат дека обновата ќе трае 18 месеци, што и во најоптимистичкото сценарио, кога градежните активности би почнале следниот месец и би немало никакви други задоцнувања, е тешко да се поверува.


Фото: Илиана Николовска

- Во моментов во тек се подготвителни работи за ЛОТ1: Студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ Скопје. Предвидена е комплетна реконструкција, односно замена на целосната инсталација (електрична инсталација, водовод, канализација, греење), замена на покрив, столаријата, надворешна термоизолација на објектот, целосна реконструкција на соби и тоалети. Со интензивни градежни активности ќе се почне за ЛОТ1 по издавањето на дозволите за реконструкција од страна на општините - соопштија од МОН на нашите прашања доставени преку барање за слободен пристап до информации.

Предвидена е целосна реконструкција на деветте студентски домови во државата во три фази. И тоа ЛОТ1: СД „Стив Наумов” Скопје, СД „Кузман Јосифовски-Питу“ Скопје, ЛОТ2: СД „Никола Карев“ Охрид, СД „Томе Стефановски-Сениќ“ Скопје, СД „Браќа Миладиновци“ Штип, СД „Орде Чопела“ Прилеп, ЛОТЗ: СД ,Кочо Рацин“ Битола, СД „Пелагонија“ Скопје, СД „Гоце Делчев“ (кантина) Скопје.



Реновирањето ќе трае 18 месеци, а за време на зафатите домовите ќе бидат затворени

Реконструкцијата е предвидена во рамките на проектот за енергетска ефикасност. За проектот се обезбедени средства во висина од 20.000.000 евра преку заем од Германска развојна банка KFW и 4.785.067 евра како грант обезбедени преку REEP програмата на WBIF.

- Согласно договорот за заем и грант, отпочнувањето на градежните активностите е предвидено откако ќе се изготви проектната документација и ќе се спроведе тендерската постапка согласно процедурите на Германската банка за развој KFW. Согласно динамиката на активностите, завршена е подготовка на проектната документација и тендерската постапка за ЛОТ1, завршена е проектната документација и во подготовка е тендерската документација за ЛОТ2 и ЛОТЗ е во фаза на подготовка на проектната документација - додаваат од МОН.



Од почетокот на градежните работи за реконструкција, предвидено е за секој студентски дом зафатите да завршат во рок од 18 месеци, со тоа што реконструкцијата на домовите во секој ЛОТ ќе се изведува паралелно. Во текот на изведувањето на работите домовите ќе бидат затворени.

Само студентскиот дом „Гоце Делчев“ е целосно реновиран во периодот од 2016 до 2019 година, освен објектот каде што се наоѓаат студентската менза, кантината и бифето, кои се дел од сегашниот проект за реновирање. Целта на реновирањето е да се подобрат условите за живеење во студентските домови, односно спроведување на сите европски 
нормативи за престој и исхрана на студенти.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема