X
 19.09.2022 Здравје

Ретките карциноми и не се така ретки, регистарот на карциноми во државата е на незадоволително ниво

Регистрацијата на карциноми во Македонија е на незадоволително ниво, па затоа сè уште не постојат конкретни податоци околу бројот на заболени лица со гинеколошки карциноми во државава.

Ова беше истакнато на денешната прес-конференцијата по повод Светскиот ден за гинеколошките карциноми, која се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, а на која учествуваа еминентни доктори, меѓу кои професорот д-р Глигор Тофоски од Медицинскиот факултет во Скопје, проф. Жан Калеја Агуис од Медицинскиот универзитет од Малта, проф. Шерон О’Тул од Даблин и проф. Клејда Харасани од Албанија.

Професорот Тофоски рече дека очигледно е потребна систематска активност со цел да се реши проблемот со регистрацијата во државава.

- Во делот на статистиката би кажал дека регистрацијата на карциноми во Македонија е на незадоволително ниво и не може со сигурност да кажеме ниту околу бројката ниту околу типот на карциноми што постојат. Одамна се зборува за формирање национален систем на карциноми, меѓутоа, очигледно е потребна систематска активност со цел да се реши проблемот - изјави Тофоски.

Калеја Агуис, од друга страна, истакна дека во земјите кои се економски недоволно развиени пристапот кон ретките гинеколошки карциноми е потежок.

- Бидејќи овие ретки болести се ретки, тие што имаат поотежнат пристап од социјално-економски аспект секако дека се потешки за дијагноза. Ако некој доаѓа од економски неразвиена земја, има потежок пристап, потешко ќе се дијагностицира и потешко ќе добие квалитетна услуга за лекување - рече Калеја Агуис.

Стручните лица информираа дека овие болести се јавуваат повеќе кај млади жени и девојки, па дури и пред пубертет, и според Агуис, ова е понекогаш уште потежок проблем во однос на дијагностиката и справувањето.

На глобално ниво приближно 18,5 милиони жени годишно се заболени од гинеколошки карцином, а речиси на секои пет минути згаснува живот на една жена. Според стручните лица, овие податоци се аларм за подигнување на свеста за важноста и грижата за репродуктивното и сексуалното здравје на секоја жена, како и значењето на раната дијагноза и навремениот третман на ретките гинеколошки карциноми.

Како што беше истакнато, ретките гинеколошки карциноми ретко добиваат внимание од науката, во клиничките истражувања и здравствената политика. И во таа насока поддржани од „European cooperation in science and technology“ (COST), во периодот од 18 септември до 20 септември Македонското лекарско друштво (МЛД) и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) ќе бидат организатори на меѓународната работилница наменета за доктори, специјализанти и специјалисти од повеќе медицински области, именувана „Updates on Rare Gynecological Cancer: Focus on Pathological Aspects and Beyond”.

- Ние успеавме да собереме околу 200 учесници кои доаѓаат од повеќе од 30 земји, поголемиот дел се од европските земји, меѓутоа, има и учесници од Африка. Овој настан е важен бидејќи е можност да ги споделиме нашите извори и материјали и да учиме едни од други. Ги споделуваме алатките и знаењата за полесно да се справиме со ретките болести - истакна Шерон О’Тул.

Во рамките на работилницата ќе се одржи и виртуелна промоција на книгата „Telemedicine in Therapeutic Assistance particularly in Oncology” во соработка со Медицинскиот универзитет од Болоња, Италија.

Целта на работилницата е мултидисциплинарниот пристап, вмрежувањето и споделување знаења меѓу учесниците.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје