X
 19.10.2023 Живот

Успешно е завршен натпреварот „Еко-тон“, што го одбележа крајот на кампањата „Засади желба за одржлива иднина“

Вчера во просториите на Инофеит се одржа натпреварот „Еко-тон“, на кој 8 тимови беа избрани да се натпреваруваат со свои идеи за одржливи решенија, во рамки на кампањата „Засади желба за одржлива иднина“ во организација на трите пензиски друштва Триглав пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и КБ Прво пензиско друштво ад Скопје.

Од страна на жири-комисија беа избрани најдобрите три решенија за кои тимовите освоија парични награди во вредност од 1.000, 750 и 500 евра. Првото место му припадна на тимот Мицелиумска амбалажа за проект за одржлива амбалажа. На второто место се најде тимот Eco Dreamers со проектот ECOREST. На третото место беше тимот G-CHANGE со проектот Зелена промена.

На целодневниот настан, кој вклучуваше и едукација и предизвици за тимовите, пензиските друштва успејаа на едно место да соберат голем број претставници на успешни компании и организации кои работат во правец на иновации, одржливост и дигитализација.



Игор Маџов од Стартап Македонија и Мила Јовановска од Go Green беа дел од жири комисијата, Гораст Цветковски ги водеше присутните низ целиот настан, додека, пак, во улога на ментори се појавија: Наталија Бургиева од Мама Органа, Горјан Јовановски од Air Care, Олга Рајчиќ од Challenger, Диме Галапчев од FinqUp, Ана Ѓорѓиева од ПроКредит Банка, Енес Каракаш од Piksel LTD и Миле Шошевски од Drill Tech.



Во жири и менторскиот тим се вклучија и претставници од пензиските друштва - Небојша Божиноски и Емилија Кузмановска Од Триглав пензиско друштво АД Скопје, М-р Елена Пачоска и Зоран Габеданов од Сава пензиско друштво АД Скопје, и Сузана Бошковска Златаревска и Горан Мартиновски од КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.

Настанот го поддржа и Пивара АД Скопје со свои производи за учесниците на натпреварот, а претставници на десетина компании дојдоа да ги проследат и поддржат презентациите на тимовите.



-Благодарност до сите пријавени тимови, менторите, жири-комисијата, како и експертите кои се вклучија од областите на креирање стартап одржливи проекти и бизниси, горди сме што нашите пораки стигнуваат до многу млади, иновативни луѓе. Веруваме дека од овој натпревар ќе произлезат успешни проекти со кои ќе можеме да продолжиме со мотивација и едукација на пошироката јавност за важноста од навремено штедење за сопствената финансиска иднина, како и за важноста од заштедата на природните ресурси за поубава и поодржлива иднина за сите нас. Хакатонот е последната и воедно досега најголема активност во рамки на кампањата „Засади желба“ и навистина сме среќни што помина успешно, во друштво на многу активни поддржувачи - истакна во својата изјава Сузана Бошковска Златаревска, раководител на Сектор за маркетинг и агентска мрежа во КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.



На отворањето на настанот, Маријан Николовски – член на Управниот одбор во Триглав пензиско друштво АД Скопје, потсети на сѐ што досега се случуваше во рамки на кампањата „Засади желба“.

-Уште кога ја почнавме кампањата пред речиси три години, идејата и симболиката на одржливоста којашто ја промовираме во нашата кампања е паралела помеѓу одржливоста на нашата животна средина и одржливоста на пензискиот систем, кој долгорочно како еден од најважните социјално-економски фактори влијае врз животот на секој вработен. Почнавме пред повеќе од две години во средното училиште „8 Септември“ во Скопје. Идејата беше да се садат пензиски паркови, односно да се садат нови дрвца, кои ќе треба од нула, низ времето, да даваат плодови. Продолживме низ неколку скопски училишта, од кои ќе ги набројам СУГС „Никола Карев“, „Марија Кири Склодовска“, „Д-р Панче Караѓозов“, бевме и во Свети Николе, во Куманово, во Охрид, Струмица, Велес. Би ги поздравил и студентите од Архитектонскиот факултет во Скопје кои се вклучија во дизајнот и промоцијата на т.н. одржлив пензиски парк и беа учесници на минатогодишниот конкурс на „Засади желба“. Денеска вие ја имате таа улога. Сакам да ги поздравам сите седум тима што се тука денес, како и осмиот тим кој од оправдани здравствени причини не можеше да присуствува. Ви посакувам среќа на сите и се надевам дека, пред сè, ќе бидете задоволни и исполнети од задачата која ќе ја извршувате и дека од поддржувањето на овој наш Еко-тон ќе ви остане сеќавањето за вашиот придонес кон одржлива иднина - истакна Николовски во своето обраќање пред натпреварувачите.



Имајќи предвид дека основната цел на кампањата е едукацијата и унапредувањето на пензиската писменост, на настанот беа споделени и најважните пораки што се однесуваат на нашиот пензиски систем.

-Одржливата иднина, гледано од аспект на личните финансии, наметнува потреба од познавање на дизајнот на домашниот пензиски систем и во тој контекст носење на правилни одлуки од рана младост, со цел поддршка на мирна старост. Во услови на долгорочни социоекономски и демографски предизвици, планирањето на приходите во пензиските денови кои треба да овозможат достоинствен живот не претставува само потреба туку и одговорност пред самите себе. Едноставни пресметки го потврдуваат заклучокот дека вложувањето за дополнителен извор на пензија претставува можност која е мудро да почне да се користи што порано, со цел одржливост на изворите на приходи, а со тоа и на животниот стандард во пензионерските денови - образложи во својата изјава Татјана Бојковска, член на Управен одбор во Сава пензиско друштво АД Скопје.



Овој натпревар го одбележа крајот на кампањата „Засади желба за одржлива иднина“, по засадените Пензиски паркови во средните училишта „Никола Карев“ во Скопје и „Коле Неделковски“ во Велес, герила активностите низ Скопје, како и едукативните активности на социјалните мрежи и веб-страницата penzija.mk.



Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот