X
 19.11.2019 Здравје

Повеќе од половина од антиваксерските реклами на „Фејсбук“ се финансирани од само две организации

Знаеме дека социјалните мрежи имаат драматично влијание на начинот на кој собираме и апсорбираме информации и секогаш вреди да се провери кој стои зад линковите и рекламите што ги гледате на вашата почетна страна бидејќи тоа може да биде просветлувачко.

На пример, вакцините. Можеби имате чувство како на интернет да има мобилизирана армија која се спротивставува на вакцините, но реалноста е малку поразлична, барем според една нова студија. Копајќи во изворите што стојат зад антиваксерските реклами, американски истражувачи откриле дека 54 отсто од антиваксерските реклами до февруари годинава биле платени од само две организации, пренесува „Сајенс алерт“.

Тие организации се „World Mercury Project“ раководена од Роберт Кенеди Џуниор и кампањата „Stop Mandatory Vaccinations“ предводена од Лери Кук - двете пласираат антиваксерски тврдења кои постојано се побивани од научниците.

Истражувачите ги разгледувале јавните библиотеки за реклами на „Фејсбук“ - иницијатива за обид за подобрување на транспарентноста на рекламите на социјалните мрежи. Од март годинава антиваксерските реклами се забранети на платформата како политички, иако проваксерските реклами изгледа се фатени во истата мрежа.

- Просечно лице може да мисли дека ова антиваксерско движење е основен напор предводен од родителите, но она што го гледаме на „Фејсбук“ е дека има добро поврзани и моќни луѓе кои се одговорни за повеќето реклами - вели антропологот Амерлија Џејмисон од Универзитетот во Мериленд.

Во рамките на студијата биле анализирани 309 реклами на „Фејсбук“ прикажани во декември 2018 и февруари 2019 година. 163 имале проваксерска порака, додека 145 биле антиваксерски. Деталните алатки за таргетирање што ги има „Фејсбук“ може да се користат за насочување на антиваксерските реклами, на пример, кон мајки со мали деца.

Според новото истражување, антиваксерските реклами имале повеќе пари и малку поголем рич од проваксерските. За сите што се интересираат за здравјето и добросостојбата на генералната јавност, тоа е проблем.

„Минесота хоспиталс асосиејшн“ е една од организациите чии реклами беа блокирани од „Фејсбук“, што покажува дека рекламите од двете страни биле фатени од истата мрежа.

Истражувачите што стојат зад студијата ги повикуваат „Фејсбук“ и сличните платформи да направат поголеми чекори за борба против колебливоста за вакцинирање - што сега се смета за една од десетте најголеми глобални закани за јавното здравје од страна на Светската здравствена организација (СЗО).

Истражувањето е објавено во списанието „Ваксин“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје