„Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“ е името на документот за јавни политики кој го изработи Независниот академски синдикат, во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“
Независниот академски синдикат (НАкС) организира јавна презентација на документот за јавни политики под наслов „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“. Документот е изработен во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ од експертскиот тим на НАкС. Автори на документот се проф. д-р Зоран Велковски, проф. д-р Неда Здравева, проф. д-р Мира Беќар и Борјан Ефтимов.
Во излагањата беше истакнато дека согледувањата за тоа што е квалитетно образование се различни во зависност од очекувањата.
- Во рамките на академската заедница тие се различни кај наставниците и кај студентите, во пошироката општествена заедница тие се различни за деловната заедница, за владиниот сектор, за граѓаните. Но, она што е заедничко и за што несомнено сите се согласуваат е дека квалитетот на високото образование ги диктира текот и развојот на општеството и на државата - стои во соопштението на НАкС.
Спроведеното истражување раководено од Независниот академски синдикат покажало дека студентите се задоволни од квалитетот на високото образование, но единствено во делот што се однесува на теоретската настава.
- Ова значи дека за да се смета севкупното образование за квалитетно, треба значително да се унапредат застапеноста на практичната настава во содржините на студиските и на наставните програми и инфраструктурните услови за спроведување на практичната настава. Предлозите за решенија, со кои се очекува да овозможи унапредување на квалитетот на високото образование, се разгледуваат во три области: 1. Квалитет на студиите и на образовниот процес во целост, 2. Учество на студентите во процесот на донесување одлуки каде што се разгледуваат прашањата за учеството во управување и системот на финансирање на студентските активности и 3. Евалуацијата како систем за обезбедување квалитет на национално ниво и на ниво на високообразовни установи - велат во синдикатот.
Според студентите, крајно е ограничено нивното влијание за подобрувањето на содржините на студиските и на предметните програми, начинот на изведувањето на наставата и севкупното функционирање на високообразованите установи.
- Ова особено се однесува на третманот на резултатите од самоевалуациите – анкетите, кои се задолжителна обврска за студентите, но имаат различен третман од страна на установите. Достапноста на наставниците и соработниците за комуникација и консултации со студентите не е секогаш соодветна на потребите. Се случува, според изјавите на студентите, наставници и соработници да не овозможуваат консултации надвор од часовите за настава. Исто така, треба да се унапреди пристапот до современа литература во сите области, при што студентите го лоцираат проблемот во немање доволно домашна стручна литература (постари учебници или учебници кои површно ги обработуваат прашањата) како и во немање пристап до современа странска литература, односно бази со книги, научни списанија и истражувања - се додава во соопштението.
Во документот се нудат предлози што би требало да ги подобрат состојбите, онака како што тие се согледани од страна на студентите во македонскиот високообразовен простор.
- Иако Законот за високото образование стапи во сила пред повеќе од три години, а роковите за основање на државните органи и тела истекоа пред повеќе од две, како и нивните шестмесечни периоди за креирање на правната рамка, се констатира дека во уредувањето на одредени клучни прашања за обезбедување на квалитетот недостигаат подзаконски акти. Притоа се предлага тие, поради нивното значење, да бидат донесени со учество на пошироката стручна јавност. Следно важно, а нерешено прашање е и системот на финансирање на високото образование. Според студентите на државните универзитети, државата треба да ја преземе и доследно да ја реализира обврската за унапредување на инфраструктурата и создавање просторни можности и ресурси за непречено одвивање на високообразовниот процес - стои во соопштението од НАкС.
Во поглед на универзитетите/факултетите, се потенцира важноста на создавање студиски и предметни програми што ќе овозможат соодветен развој на вештини, преку практична настава и работа, а со цел да се унапредат компетентноста и компетитивноста на студентите на пазарот на трудот. Исто така, студентите укажуваат на неопходноста на донесување законска рамка што ќе овозможи зајакната положба на студентите во процесите на донесување одлуки.