X
 25.08.2017 Образование

Како да се уништи образовниот систем во седум чекори

Пред речиси две години еден универзитетски професор, кој сакал да остане анонимен, напишал статија под наслов „Седум чекори за уништување на високото образование“ и го испратил до сите катедри. Еве го принципот за уништување на секој образовен систем, во седум точки:

1. Намалување на креативната мотивација на професорите

Општа идеја: Како што зборувал Сталин, „кадрите решаваат сè“. Во најголем број случаи, на универзитетите работат самомотивирани луѓе, кои добро ја работат својата работа не заради платата или стравот од казна, туку затоа што работата им е интересна и ја сметаат за важна и потребна за цела заедница. Како да се намали работната и творечката мотивација на тие челични луѓе? Треба да се понижат и така да станат бесни на системот на кој му служат. Изразеното чувство на праведност, што вообичаено е карактеристика на самомотивираните лица, во овој случај ќе ја одработи својата темна страна – неправедно понижените нема веќе да му служат на системот како порано.

Конкретни активности: Платата или личниот доход е показател на социјалниот статус на личноста во општеството и индикатор за вредноста на измерениот труд во однос на општествени заслуги. Платата на професорите и доцентите треба да биде на ниво на платите на касиерите, хигиеничарите, амалите. Како прво, тоа ќе го намали нивниот статус во општеството, а како второ, ќе ги понижи самите универзитетски професори и ќе предизвика чувство на гнев кон системот. Притоа, важно е ситуацијата да се доведе до апсурд – професорите и докторите на науки да заработуваат помалку од хигиеничарите. Таквата ирационална ситуација го води човековиот разум во состојба на афект. Дополнително, во високообразовните институции паралелно треба да се создадат и ирационални и понижувачки дефицити на хартија, тоалетна хартија, учебници, кертиџи, печатачи и слично. Витез со лично достоинство не му служи на господар-идиот, а професор кој држи до себе нема да може со сите свои сили да служи на таков универзитет.

2. Намалување на авторитетот на педагозите

Општа идеја: Кога ќе се реализира точка 1, со еден удар се убиваат неколку муви. Со оглед што богатството е показател на социјалниот статус на човекот, студентите во повеќето случаи ќе се однесуваат со презир кон сиромашните предавачи, затоа што ќе ги сметаат за глупави и неспособни. При таков однос, процесот на пренесување знаење добива нула-ефект.

Конкретни активности: Видете точка 1.

3. Бирократизација на наставниот процeс

Општа идеја: Една ерменска мудрост вели: „За да не му дојдат лоши мисли во главата, војникот треба постојано да е зафатен. Не е важно со што, само да е зафатен“. За да не се појават мудри и паметни мисли во главите на наставниците, тие исто така треба постојано да бидат зафатени со некаква јалова и глупава работа. Со оглед дека од професорите не може да се бара да ги средуваат тревниците, треба да се најде нешто што е аналогно на тоа.

Конкретни активности: Аналогно на средувањето тревници за универзитетските професори може да биде пополнувањето бесконечни и непотребни хартии и извештаи. Секоја година треба да се менува формата на основните документи, за да мора одново да се состави целосна документација. Но професорите (особено оние од советски ков) се тврдоглави и стабилни луѓе. Тие и во секоја бесмислена работа можат да пронајдат креативен елемент. За да се исклучи таква можност, во администрацијата треба да се воведе елемент на несистематичност – околу 30 % од хартиите треба да се достават итно, од денес за утре.

4. Либерализација на наставниот процес

Општа идеја: Новата обука кај секој човек во повеќето ситуации предизвикува отпор. Затоа насилството е нераскинлив дел од секој ефективен наставен процес. Отсуството на насилство многу ја намалува ефективноста на наставата. За да се намали квалитетот на образованието, потребно е наставниот процес максимално да се либерализира. Човекот (а особено студентот) е мрзливо суштество, па на студентот, кој е ослободен од родителска или школска контрола, а не потпаднал под друг систем на контрола, нема да му е грижа за студирањето.

Конкретни активности: Слободно (иако не де јуре, но де факто) посетување на предавања, избор на наставници од страна на студентот, неограничен број можности да се положат испитите или колоквиумите, минимално откажување од студиите, а што повеќе приредби, манифестации и забави.

5. Уништување на интелектуалната атмосфера

Општа идеја:
Предавањата и вежбите не се главна работа на универзитет. Главно е создавањето на образовно поле. Токму затоа западните универзитети ги ловат добитниците на Нобелови награди и познати научници и подготвени се дебело да им платат за нивното присуство. Зошто научниците сакаат да патуваат на конференции и симпозиуми? Затоа што таму стануваат попаметни! Стотици паметни глави на едно место создава уникатно „поле на ум“, а луѓето што се дел од тоа поле стануваат значително попаметни и добиваат одлични идеи. Меѓутоа, таквото интелектуално поле може лесно да се сруши под влијание на ниски вибрации. Доволно е во тоа поле да се внесат неколку „идиоти“ – и полето ќе исчезне. Ако бројот на идиоти се зголемува, тогаш тие ќе почнат да создаваат свое поле на идиотштина, во кое луѓето затупуваат.

Конкретни активности: Треба да се отстранат преградите за прием на идиоти, некултурни и агресивни личности на универзитетот. За тоа е потребно следното:

- да им се одземе правото на универзитетските професори самостојно да ги избираат своите студенти;

- запишувањето на универзитет да се направи безлично (со помош на елементарна контрола од лица кај кои се забележани патолошки појави);

- да се намали прагот за запишување до ниво на „единичари“ (ова е потребно за да се зголеми квотата за запишување).

Со цел зголемениот број студенти да не бара зголемување на буџетски средства, треба да се направи следното:

- вишокот студенти треба сами да си го плаќаат школувањето;

- бројот на професори не треба да се зголемува, туку на секој професор треба да му се зголеми обемот на работа (видете ги точките 1 и 3).

6. Избор на раководен кадар

Општа идеја: На највисоките раководни позиции во образовниот систем треба да се постават лица кои не им одговараат на должностите. При правилен избор и распоредување на ваквите кадри, брзото распаѓање на системот е загарантирано.

Конкретни активности: Кој треба да биде поставен на највисоките раководни позиции во образовниот систем? Прво, луѓе што немаат авторитет и почитување од колегите. Второ, „јаки стопанственици“, а не мислители кои имаат капацитет да формулираат севкупна претстава за сложените системи. Трето, сиви луѓе што немаат талент и достигнувања. Во тој случај, тие ќе сфатат дека комплетно му должат на покровителот и ќе бидат идеални послушници. За дестабилизација на образовниот систем особено се вредни следните психолошки типови: глупави, болно амбициозни, хиперактивни, агресивни, кукавици и полтрони.

7. Маскирање

Општа идеја: За да не предизвика отпор кај јавноста, програмата за уништување на образованието треба да се замаскира. Треба многу да се лаже. Социјалната психологија тврди дека колку што е поголема измамата, толку полесно е во неа да се поверува. Луѓето се склони да мислат дека лошите луѓе (или непријателите) можат незабележано да ги измамат, но малкумина се подготвени да поверуваат дека добрите луѓе (блиските) дрско лажат.

Конкретни активности: Како прво, потребно е да се создава непрекината врева во средствата за масовно информирање за модернизација, иновација, „болоњизација“ и така натаму. За тоа и успесите на многу конкретни личности (победи на олимпијади, конкурси и слично) треба да се претставуваат како успех на системот, воопшто. Како второ, потребно е да се одвлекува вниманието на јавноста на второстепени прашања. За таа цел, потребно е периодично да се започнува со бесмислени реформи: менување на системот за оценување од 1 до 5 на 1-10, да се менува траењето на студиите час од четири на пет час од пет на четири години; прво да се воведува, а потоа да се напушта системот на додипломски и мастер-студии, студирање по модули и слично; да се предлага скратување или продолжување на летниот распуст (незадоволни ќе има и во двата случаи) и слично. Во борбата против второстепените новитети, активниот дел од наставниот кадар треба да ја троши својата протестна енергија.

Забелешки кон програмата: Наведената програма е креирана за период од пет до десет години. После тој период, почнува да дејствува засилувач со позитивна повратна спрега (кога дипломираните и сами ќе почнат да предаваат во школи и на универзитет, да пишуваат учебници итн). Потоа деградацијата на образовниот систем добива неповратен карактер кој има способност за самоодржливост. Приближно, тоа е сè. Како што гледате, ништо не е тешко.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование