X
 21.05.2023 Живот

Германско село изгубено во Аргентина: Жителите јадат чорба и колбаси, пијат пиво и зборуваат германски

Со своите 1.500 жители, селото Ла Кумбресита е совршена реплика на Баварија во средината на далечната Аргентина, а приказната за изградбата на ова планинско место е навистина неверојатна.

Селото било создадено како резултат на експеримент во 30-тите години кога група швајцарски и германски туристи го избрале ова место како идеално засолниште од надворешниот свет. Тие одлучиле да создадат оаза која ќе ги потсетува на нивната татковина.

Човекот што стои зад проектот бил Хелмут Кабјолски, роден берлинец кој работел како градежен инженер за германскиот индустриски гигант „Сименс“ и бил префрлен во Буенос Аирес во 1932 година. Тој и неговото семејство не биле импресионирани од плажите во близина на главниот град и копнееле по планините.


Кога еден пријател ги поканил на неговата оддалечена фарма во близина на Кордоба, вториот по големина град во земјата, тие прво патувале со воз, потоа со автомобил и на крајот со коњ бидејќи немало патишта.

- Кога стигнале, биле воодушевени од убавината на местото - од реките и природната убавина - вели Ингрид Кабјолски, внуката на Хелмут, која води ресторан во градот именуван по него.

Кога Хелмут купил 500 хектари во 1934 година, карпестиот пејзаж речиси и да немал никаква вегетација. Имало малку трева и немало дрвја. Тој го организирал доаѓањето на членовите на семејството од Германија за да помогнат во изградбата на првите домови, како и на детска градинка. На крајот засадиле илјадници дрвја, создавајќи импресивни шуми што нема на ниедно друго место во Аргентина. Хелмут почнал да им продава парцели на неговите пријатели, а условот бил да ги дизајнираат домовите во стил на швајцарско, германско или австриско село.


Продолжил да работи за „Сименс“, дизајнирајќи 300 моста низ целата земја. Со текот на времето, неговите пријатели и семејството изградиле патишта, донеле струја и направиле подобрувања на инфраструктурата. Набрзо никнало цело село на околу 1.524 метри надморска височина.


Таткото на Ингрид ја предводел иницијативата местото да биде развиено во туристичка дестинација. Станува збор за мало место, но има спа-центар, неколку ресторани кои служат мешавина од германска и аргентинска храна и прошетки со водич до идиличните каскади по должината на кристално чистата река Алмбах.


Посетителите овде прво слушаат шпански кога ќе влезат во продавниците, но некои семејства сè уште зборуваат германски во своите домови. Летото е исполнето со фестивали кои ја слават германската храна, музика и традиција. Ресторанот на Ингрид, алпска куќа со низок покрив и широк поглед на планините од терасата, е и нејзиниот дом и градски музеј. Ѕидови се покриени со стари фотографии и врамени документи кои го покажуваат развојот на градот.


Освен културниот шарм, туристите доаѓаат во Ла Кумбресита и за мир. Дури и во самиот центар на градот преовладува мирна атмосфера. Ла Кумбресита е единствениот аргентински град организиран исклучиво за пешаци, една од мерките што локалните лидери ги презеле во текот на годините за да ја заштитат животната средина. Оваа оаза е речиси целосно зависна од обновливите извори на енергија и го компостира најголемиот дел од органскиот отпад, создавајќи речиси самодоволна заедница.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот