X
 21.06.2021 Здравје

Засега не се планираат рестрикции поради делта-сојот на коронавирусот. Регистрирани два случаи на заразени

Министерот за здравство Венко Филипче вели во овој момент не се планираат рестрикции поради ширењето на новиот делта-сој на коронавирусот. Тој објасни дека ги анализираат податоците во земјава, во соседството и во Европа и дека тука ситуацијата е доста стабилна.

-Но, морам да потенцирам, будно ја пратиме состојбата не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот. Продолжуваме со овие мерки и продолжуваме да ја следиме ситуацијата - изјави Филипче.

Новиот делта-сој е повирулентен, се покажува како позаразен.

Во Македонија досега се регистрирани два случаи на делта сојот кај луѓе што се вратиле од Ирак, но министерот рече дека врз основа на епидемиолошките анкети не детектирале ризик за ширење.

Во однос на вакцинацијата министерот рече дека во државата има околу 240 илјади вакцинирани граѓани заклучно со крајот на минатата недела, а околу 180 илјади граѓани чекаат во овој момент за вакцинација.

-Вакцинирано е население од некаде над 20 проценти од тие што треба да се вакцинираат, ако се исклучат децата, над 50 отсто се вакцинирани граѓани кои имаат над 70 години, а околу 33 проценти од граѓаните над 60 години - рече министерот Филипче.

Според неговата најава в петок се очекува да пристигне голема количина на вакцините „Фајзер“.

Фото: Министерство за здравство

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје