X
 22.11.2020 Здравје

Филипче: Приватни клиники ќе лекуваат заразени со коронавирус на државен трошок

Министерот за здравство Венко Филипче одржа состанок со сопствениците на приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“ на кој беше постигнат договор за обезбедување дополнителен капацитет од 100 кревети за третман на ковид-пациенти. Станува збор за ресурси што државата ќе ги користи од приватните болници, соопштија од Министерството за здравство.

-Заеднички се договоривме тоа да биде болницата „Мала Богородица“ - старата болница на „Систина“ - каде што може да се сместат 100 пациенти. Целосно ќе биде опремена од страна на сите приватни болници со нивни заеднички договор. Од таму ќе биде обезбеден и кадар и материјали. И за сето тоа соодветен надоместок согласно постојните закони ќе плаќа државата - истакна Филипче.

Тој додаде дека дополнителните 100 кревети ќе бидат на располагање кон крајот на неделата. Министерот изјави дека и во државните болници има доволен број на кревети. Тој истакна дека утрово имал координација со директорите на клиниките и ГОБ „8 Септември“, но и дека е во секојдневна комуникација со директорите на клиничките и општи болници.

Ковид-вакуум: Во државни болници едвај има место, на приватно е прескапо

Филипче појасни дека во болницата „Мала Богородица“ треба да се инсталира кислород, што ќе биде готово за неколку денови, и треба да се донесе опрема.

-Секој ќе партиципира согласно можностите, согласно големината, согласно капацитетите. Така да, тој број на стотина кревети верувам дека во следниот период што доаѓа ќе биде сосем доволен оваа криза да се изменаџира - посочи Филипче.

Министерот истакна дека граѓаните нема да сносат дополнителен трошок, односно ќе биде на трошок на државата. Кадарот ќе биде целосно од приватните болници.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје